„Фамилијата Адамс“ премиерно во Драмски театар Скопје

„Фамилијата Адамс“ е новата премиера што ќе се изведе в среда на 25
декември во 20 часот на сцената „Ристо Стефановски“ во Драмски театар Скопје.
Режисерката Теа Беговска воедно е и автор на текстот и адаптацијата за претставата.
Во уметничкиот тим што ја работеше „Фамилијата Адамс“ се сценографот Никола
Пијанманов, костимографите Ратка Џамбазовска Коцев и Раде Василев, а музиката е на
Енес Беговски. Кореографијата ја направи Бојан Лазаров.

Ликовите во претставата ги играат актерите на Драмски театар Скопје: ГОМЕЗ
АДАМС – Предраг Павловски, МОРТИША АДАМС – Трајанка Илиева Вељиќ, БАБАТА –
Гордана Ендровска, ВЕНЗДЕЈ АДАМС – Нина Елзесер, ФЕСТЕР АДАМС – Сашо Тасевски,
ПАГЗЛИ АДАМС – Томислав Давидовски, ЛУКАС, момчето на Венздеј – Марјан Наумов
ДЕБИ, бившата љубов на Фестер – Емилија Мицевска, ТАТКОТО на Лукас – Златко
Митрески и МАЈКАТА на Лукас – Маја Вељковиќ Пановска.

Ликовите на ДУХОВИ во претставата „Фамилијата Адамс“ ги играат студенти на
Факултетот за драмски уметности и Факултетот за театарски уметности при
Интернационалниот Универзитет Еуропа Прима: Јована Миладинова, Ема Лазарова,
Луна Миќевиќ, Стефан Арсиќ, Кристијан Петковски, Енис Билаловиќ, Анастасија
Митровска и Мартин Мазнев. Инспициент на претставата е Гоце Бојчев, а суфлер
Жаклина Цветковска.

Режисерката Теа Беговска во програмската белешка истакнува дека: Фамилијата
Адамс е “нормалното” во ненормалното. Како Светот да се претворил во една голема
Фамилија Адамс, која секоја општествена и социјална ненормалност ја прифаќа и
живее како нормална. Овие добро препознатливи и екцентрични ликови со мрачен
хумор, сместени во т.н. гробница на Светот (каде се закопани нивните предци) –
“танцуваат” во СВОЈАТА нормалност, во СВОИТЕ вредности за живот и смрт. Овој
мрачен дом на Фамилијата Адамс е светилиште каде се слави смртта, но, се слави и
љубовта – тајната состојка со која опстојува династијата Адамс. Светилиште во кое и
нормалните стануваат ненормални на свој начин. Режисерката Теа Беговска појаснува дека:
„Во денешниот свет, каде секојдневието станува се’ поголем хаос, Фамилијата Адамс е можеби симбол за издржливост. Тие остануваат цврсти во својата посветеност еден кон друг, незасегнати
од тој надворешен хаос. И така се’ до крај… се’ до крајот на животот… а и после тоа“.

Од Драмски театар ја информираат публиката дека во претставата се користат
пиротехнички средства и нагласени звучни ефекти. Претставата „Фамилијата Адамс“ ќе
биде на редовниот репертоар театарот и прва наредна изведба е на 27 декември во 20
часот.