Во Битола се одржува форум на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО

Петти Форум на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО утре и задутре се одржува во Културно-информативен центар Битола. Темата на форумот е „Одржливи и еколошки практики во филмот и креативните индустрии“. Настанот има за цел да ја зајакне соработката меѓу градовите членки на мрежата на УНЕСКО Креативни филмски градови и да промовира еко-практики во филмската индустрија. Оваа иницијатива претставува значаен чекор за Битола во процесот на социо- културна и економска трансформација, позиционирајќи го градот како живо креативно јадро.

Програмата почнува утревечер во 20.30 часот во киното „Манаки“ со проекција на краткиот филм „Куќа од песок“ во режија на Павел Вишомирски. Главната програма е во петок (6 декември) во Офицерски дом каде со почеток од 10 часот ќе има воведни зборови и претставување на високи претставници на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО. Потоа ќе следи панел-дискусија на тема „Одржливост во филмската и креативната индустрија кон изградба на одржливи градови“, со учество на меѓународни панелисти, презентации на добри практики преку искуства и примери од градовите членки на УНЕСКО, меѓу кои и повеќе домашни претставници. Вечерта од 19 часот ќе има неколку проекции на кратки и играни филмови со фокус на одржливост и еко-продукција од градовите-членки на мрежата. Форумот ќе собере значајни претставници од меѓународната сцена, вклучително и гости од Тераса, Потсдам, Сараево, Голвеј, Лоѓ, Ваљадолид и Софија.

На форумот ќе се обратат Лејла Беслагиќ, Инес Радиќ и Магдалена Поповиќ од Сараево, Зоја Таревска-Петрушевска од Центар за филм Битола, Брајан Берет и Ион Батлер Тортон од Голвеј, Жорди Хернандез Прат од Тераса (Шпанија), Филип Гжендовски од Лоѓ (Полска), Корина Гутше од Потсдам (Германија), Лорето Ареналес од Ваљадолид (Шпанија), Дијана Андреева – Попјорданова од Софија, Дамјана Патчева од Кинотеката, Марија Џиџева, режисерка, Огнен Антов, продуцент и Менче Хаџи-Коста Милевска од Центарот за култура Битола. На форумот ќе присуствуваат и дипломирани филмски професионалци од нашата земја и од Босна и Херцеговина, меѓу кои Миа Авдагиќ, Ишак Јалимам и Елмедина Тириќ од Сараево и домашните претставници Светислав Подлешанов, Јован Анѓелески и Ана Марија Тикова.

Форумот е од исклучителна важност за градот Битола, како рамноправен член на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО од 2015, и е еден од 26-те градови кои се дел од овој филмски кластер на УНЕСКО, единствен од земјава и еден од ретките од регионот заедно со Софија и Сараево. Мрежата е клучен партнер на УНЕСКО. Се очекува форумот да поттикне размена на идеи и најдобри практики меѓу градовите членки на мрежата, со фокус на еколошки одговорна продукција во аудиовизуелниот сектор, да се воспостават нови соработки и да се разгледа можноста за потпишување меморандуми за соработка меѓу градовите. Заклучоците од Форумот ќе служат како основа за идни политики и платформи за поддршка на локалниот аудиовизуелен сектор. Форумот го организира Здружението за филмска уметност Центар за филм Битола во насока на подобрување на намалување на родовиот јаз во аудиовизуелните медиуми и поттинување на соработката помеѓу филмските градови од мрежата на УНЕСКО, размена на искуства и добри практики и заедничко делување за прашања од суштинско значење во филмската индустрија.

Настанот е поддржан од УНЕСКО преку проектот „Култура и креативност за Западен Балкан“ (Culture and Creativity for the Western Balkans), проект поддржан од Европската Унија кој има за цел да го поттикне дијалогот во Западен Балкан преку зајакнување на културните и креативните сектори за зголемено социо-економско влијание и Министерството за култура и туризам.