Гостиварски театар ја најавува премиерата на претставата „Слуга на две партии“ во режија на Бесфорт Идризи. Претставата e комедија која се игра на трите јазици на актерите од Гостиварски театар, и тоа македонски, албански и турски јазик. Дејствието е сместено во Гостивар, и се одвива околу млад човек кој се враќа од Америка во родниот крај.
Претставата е работена по текст на Сашо Кокаланов, а по мотиви од „Слуга на двајца господари“ на Карло Голдони. Играат: Хакан Даци, Береда Решит, Кујтиме Ахмети, Вулнет Османи, Дритон Лазами, Марко Дојоски, Аријан Ејупи, Афродита Џафери, Ирена Илиевска, Елизабета К. Младеновска и Бесник Рушити.
Гостиварски театар е основан во 2018 година и брои 11 актери од трите националности кои вообичаено играат во три претстави по една македонска, една албанска и една турска претстава кои ги финансира Министерството за култура. Тие деновиве започнаа со проби за претставата „Цилиндар“ по текст на Едоардо де Филипо а во режија на Афродита Нухији.