„Синиот портокал“ станува најиграна претстава во историјата на Велешки театар

Народниот тетар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес ја најави јубилејната 100-та изведба на претставата „Синиот портокал“. Најиграната претстава во историјата на Велешки театар ќе биде на репертоар на 5 декември, четврток, со почеток во 20 часот. А публиката заедно со актерите Фаик Мефаилоски, Жарко Спасовски и Самоил Стојановски ќе биде дел од значаен момент во историјата на Велешки театар.

Автор на текстот е Џо Пенхол а претставата е во режија на Александар Ивановски. Фаик Мефаилоски е Ерџан, Жарко Спасовски е Д-р. Костадин а Самоил Стојановски е Д-р. Роберт во претставата.

„Синиот портокал“  е македонска праизведба на истоимениот драмски текст на британскиот автор Џо Пенхол, кој во своите драми се занимава со современиот социолошки контекст, а ликовите за кои пишува се индивидуи кои бараат себереализација во општеството кое робува на бирократизација и меѓучовечки ривализам. Станува збор за саркастична комична пиеса, која се осврнува на расата, менталната болест и британскиот живот во 21-виот век. Првпат е поставена во 2000 година во Националниот Театар во Лондон и доживува голем успех освојувајќи ги наградите за најдобра драма на три престижни британски фестивали.

Во центарот на оригиналната пиеса се двајца психијатри кои се обидуваат да се справат со млад шизофрен пациент, Афроамериканец кој доаѓа од црнечкото гето, кој во постановката на драмата во Велешкиот театар се вика Ерџан и е Ром, кој заглавува во лавиринтот на својата шизофренија, но и во лавиринтот на психијатриската клиника.

За улогата на Ерџан, актерот Фаик Мефаилоски ја доби наградата за најдобро актерско остварување на Македонското културно лето во Албанија, наградата за главна  машка улога на фестивалот Гола Месечина и Специјална награда за значаен придонес во специфичноста на актерскиот израз при градењето на ликот на Ерџан на фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков”. „Синиот портокал“ ја има добиено наградата Најдобра претстава по избор на публиката на меѓународниот театарски фестивал Актерот на Европа. 

Претставата не се препорачува за лица под 14 години.