
На 20.11.2024 во 3Д Кино Битола се одржа специјална филмска проекција на првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“.
Можеби создавањето на овој филм е мал чекор за анимираниот универзум, но за нашата реалност е голем, и токму затоа заслужува посебна чест и внимание.



„Јон Вардар против галаксијата“ е хумористична приказна за еден натпросечно потпросечен човек, еден нарцисоиден робот и многу вонземјани кои се на мисија да ја спасат галаксијата од себеси.
Режијата е на Гоце Цветановски, арт-директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, а директор на анимација е Димитар Ѓоргиев. Продуценти на филмот се Алан Кастиљо, Ева Конрад, Браќа Калинови и Ладо Шкорин. Во главните улоги настапуваат Жарко Димоски, Дамјан Цветановски и Емилија Мицевска. Другите улоги ги толкуваат Филип Трајковиќ, Тони Денковски, Атанас Атанасовски, Слаѓана Вујошевиќ, Мартин Ѓоргоски, Елена Тарчуговска и Бојана Тосковска.
Филмот, кој е најголемиот анимациски копродукциски проект на Балканот, е изработен со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Македонија, а има копродукции во Унгарија, Бугарија и Хрватска.

„Јон Вардар против галаксијата“ досега беше прикажан на фестивалите „Ситџес“ во Шпанија, „Киненова“ во Македонија и „Мостра Сао Пауло“ во Бразил, а овој месец се прикажува во кината низ цела Македонија.

По проекцијата публиката имаше можност да разговара со режисерот Гоце Цветановски, арт директорoт на филмот Михајло Димитриевски – Тхе Мичо и аниматорките Сара Петковска и Берта Милевска кои одговараа на интересните прашања на публиката.

„Околу три години траеше целата таа акција околу наоѓање на партнерите, филмот беше предложен на копродуценти во многу земји и оваа крајна конфигурација не беше почетна. Пред да биде прифатен од овие копродуценти филмот беше одбиен во Украина, Франција, Данска, Португалија. Цела Европа знаеше дека филмот ќе се работи. Но бидејќи сме ново студио и земја без анимациска традиција не веруваа дека ќе успееме да го завршиме. И сега и ги разбирам зошто имале такво мислење. Освен нашата Агенцијата за филм која прва не поддржа, се вклучија Бугарија, Хрватска и Унгарија. На крај кога бевме во постпродукција добивме поддршка и од приватен фонд од Србија со помала сума, но во точен момент бидејќи целиот процес се развлече и требаше да трае три години, па се одолжи на шест па на осум години. Ковид пандемијата секако тука многу придонесе за тоа. На филмот на приватен договор работеше и екипа од Романија и Шпанија. Тоа беше една долга одисеја да се изработи филмот, многу луѓе поминаа низ филмот а малку останаа.“ – вели режисерот Гоце Цветановски.

„Филмот е реализиран благодарение на упорноста на Гоце. Да бев јас на негово место до сега ќе се откажев или ќе го направев побрзо. Филмот имаше многу варијанти пред оваа конечна која ја гледавте вечерва. Сега се сеќавам на моментите кога пред 15 години во PORTA JAZZ роботевме на првичниот стори борд за филмот. Процесот беше долг ни фалеа луѓе и финансии, но како и да е успеавме да го завршиме филмот“ – рече арт директорoт на филмот Михајло Димитриевски – Тхе Мичо

По дискусијата присутните во малата сала имаа ретка можност да добијат плакати со автограми на гостите.
