Борис Чоревски е добитник на наградата „4-ти ноември“ за животно дело

Актерот Борис Чоревски е овогодинешен добитник на највисокото општинско признание на Битола, наградата 4-ноември за живото дело. Одлуката денес ја донел Управниот одбор на Фондот за наградата „4-ти Ноември“ на Општината Битола.

Наградата „4-ти Ноември“ на Општината Битола се доделува на физички и правни лица како знак на општествено признание за значајни остварувања во стопанството, науката, уметноста, културата, воспитанието и образованието, здравствената заштита, социјалната заштита, спортот, техничката култура, заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, како и други сегменти од животот, трудот и творештвото, што претставуваат посебен придонес за развојот на Општината, Република Северна Македонија и светот. Наградата за животно дело се доделува во вид на диплома и паричен износ.

Помеѓу претходните добитници на наградата се: Јоана Поповска, Владимир Костов, Петар Стојковски – Бабец, Благој Стефановски, Виолета Томовска, Петар Мирчевски, Петар Георгиевски – Калица итн.

Чоревски е роден во 1949 година во Скопје. По дипломирањето во 1975 година се вработил во Народниот театар во Битола каде остварил преку 100 улоги. Како гостин настапувал во театрите во Прилеп, Штип, Струмица и во Скопје – Македонски народен театар и Драмски театар. Тој е еден од најплодните македонски театарски актери и играл во над 160 театарски ролји. Чоревски е препознатлив по улогите во делата на Горан Стефановски, Петре М. Андреевски, Дејан Дуковски но и светските класици Шекспир, Чехов, Горки. Има остварено над 20 филмски улоги и 15 телевизиски серии. Има остварено главна улога во филмовите Трговецот од Солун на Душан Наумовски, Црвениот коњ на Столе Попов, Прва вечер на Димитрие Османли, Јавачи на ветрот, Прашина и Мајки на Милчо Манчевски. Играл и во сериите: Илинден, Девојките на Марко на Димитар Христов, Битолски лакрдии, Втора смена, Големи и мали, Трето па машко на Душан Наумовски, Црвениот поет. Учествувал и во турските серии кој се снимени во Македонија, Збогум, Румелија и Минатото лето на Балканот во режија на Сердар Акар.

Фото: Диоген Хаџи Коста Милевски