Концерт на млади бендови во рамки на проектот „Урбана Агенда“ на МКЦ – Битола

Во рамките на проектот „Урбана Агенда“ на МКЦ-Битола се одржa концерт на млади бендови. Концертот се одржa во „Радост“ кафе бар Битола, а настапија 3 млади бендови „Red18“, „Basement Cult“ и „DamageControl“. 

„Red18“ е бенд од Скопје, кој постои од 2022 година, а на Елена, Јован, Павел, Аце и Димиш воопшто не им е важно да се ограничуваат жанровски. Важно им е само луѓето кои се дојдени на нивните настапи, да си поминат убаво! Тие прават музика каква што сакаат, а на нивните настапи не може а да не танцувате! Дел на англиски, дел на македонски, тие ќе ви ја раскажат нивната приказна, затоа не ја пропуштајте нивната прва свирка во Битола.

Бендот „Basement Cult“ е тричлен бенд формиран 2018 година. Денес го сочинуваат Павел Кузманоски – вокал, Горазд Наневски – гитара и Дејан Апостоловски – тапани. Basement Cult започна како школски cover бенд кој го забележа сопствениот потенцијал и почна да твори авторска музика. Нивниот звук и стил се одликуваат со експериментирање и иновативност, што ги прави уникатни на македонската музичка сцена.

„DamageControl“ е артист и диџеј од Скопје, кој ги истражува различните звучни полиња на македонската младина и ја покажува својата перспектива на модерната музика. Под појасот има експериментален електронски албум (DMGCTRL+) и алтернативен хип хоп албум (Фала Ви и убава вечер). Покрај неговата оригинална музика, тој има работено и на други проекти како „Леб и вода“ од Никартиќ и „Астрал“ од Аудиоцигла.

Проектот „Урбана Агенда“ – поддршка на независната културна сцена е финансиран од Швајцарската амбасада во Скопје.