Сашко Коцев: „Никогаш не сум се профилирал како актер само за комедија“

Еден од најпопуларните македонски актери, Сашко Коцев изминатиов период е на турнеја низ земјава со своето најново стенд ап шоу „Широк дијафазон“. Месецов тој во рекордно време распродаде три настапи во Големата сала на Центарот за култура – Битола и неговото шоу само во Битола го видоа повеќе од 2400 луѓе. На последното од трите гостувања во Битола, со Коцев разговаравме на неколку теми за театар, филм и стенд ап. За предизвиците на снимање независен филм, состојбите во македонскиот филм, неговиот матичен МНТ и регионалната кариера прочитајте во редовите подолу.

Важите за еден од пионерите на овој сценски жанр во Македонија. Како дојдовте до идејата за овој начин на креативно и сценско изразување?

Недоблесно е да кажам јас сум првиот кој направил стенд ап, работеле и пред мене но можеби само не го нарекле тоа стенд ап шоу. Тоа биле настапи со хумористично-сатирична содржина на многу големи актери пред мене во Македонија. Но, ете да кажеме јас прв го нареков тоа е стенд ап. Првиот беше клупски стенд ап, кој е малку поразлична дисциплина од овој што ќе се случи вечерва. Затоа што клупскиот стенд ап пак има поголема непосредност, бара побрза мисла, потежок е и има поразлична публика со многу повеќе интеракција.

Колку стенд ап е слично и различно со класичната монодрама ?

Секако е многу блиску, и е една комбинација од монодрама. Но таму најчесто изговараш зборови од некој лик, се криеш зад некој лик и тоа е напишано од некој писател. Кај стенд ап тука има актерска вештина – имитација, играш даден лик и зборуваш за него. Има актерска вештина говорништво но тука има момент на сценарио. Секој „стендапер“ мора да си е оригинален во својот израз и тој си ги прераскажува на сцена своите видувања на животот, својата призма на гледање. Најбитно е кога правиш стенд ап да имаш што да кажеш. Јас најчесто се трудам мојот стенд ап перформанс, сите што досега сум ги пишувал да не е тоа смешно заради смешно. Дури некои работи не сe урнебесно смешно а некои пак воопшто не се смешни. Тука секогаш гледам да има и една блага критика кон себе и кон она што ние го правиме како луѓе за да бидиме подобри и како општество и како луѓе. Да има хумор на моја сметка и секако општествена одговорност и поента зошто тоа го кажувам а не само затоа што е смешно или некому му се потсмеваме.

Малку е познато дека сте родени во Љубљана. Пред неколку години таму го снимавте независниот филм „Нешто слатко“. Колку сте поврзани со Словенија, знаете ли словенечки?

Да, роден сум во Љубљана, до кај 3 години сум живеел во Љубљана. Моите работеле таму, тие се од Македонија а отишле таму пред да се родам. Јас сум како мал вратен тука и не се сеќавам на животот во Љубљана.

Кога сме кај независниот филм, колкав е предизвикот и имајќи во предвид како помина филмот како успеавте од условно речено продукциски сиромашен да дојдете до филм кој имаше многу добар прием? Дали комедијата односно добриот хумор полесно ги покрива ваквите проблеми со кои се соочуваат независните филмаџии?

Секако дека комедијата е попримамлива за публиката, но јас секогаш сум на страна на она: смешен но не по секоја цена. Да има тука здрав и интелегентен хумор. Сега публиката и тоа го препознава и мислам дека целиот склоп на сето тоа заедно вроди со ваков плод да ние имаме таков продукт и филм. Филм кој што треба да помине добро но и драматуршкиот јазик на филмот да биде универзален во земјите на Балканот и надвор од него. Филмот не беше замислен со толку мал буџет но тогаш беше корона и многу од спонзорите кои што веќе беа потпишани по пат се губеа и откажуваа затоа што имаше ребаланси на буџети. Тогаш беше нестабилно финансиско време и имаа алиби тоа да го направат. Но не дозволивме пред тоа да потклекнеме и рековме овој филм мораме да го извадиме. Во право сте сепак дека е попитка комедијата и дека работите преку комедијата може да се кажат на тој начин. Но низ филмската историја има многу филмови кои што не се комедии а се независни и успеале многу.

Имате повеќе улоги во македонските филмови, како гледате на состојбата во македонскиот филм, темите кои се обработуваа и обработуваат, дали македонската кинематографија е во подем или иста точка како пред 10 години?

Уметноста никогаш не стои и не мислам дека е на иста точка, уметноста преминува од една, во друга, во трета форма. Во едно изразно средство па во трето изразно средство. Речиси сѐ се менува, работата е само кои теми ги интересираат режисерите и сценаристите а кои теми ја интересираат публиката и на каде движи. Тоа е така не само на филм туку и во театар. Авангардни и експериментални претстави можеби биле во 70-те интересни па потоа згаснало и се преминало на човечката драма. Па крај на 90-ти се појавија многу откачени претстави, па тоа згасна, тоа никогаш не застанува. Тоа се бранови кои што еден уметник спонтано го зафаќаат и почнува да пишува во тој бран, проблемите кои во тој момент ги интересира и засега во општеството а тој ги гледа како аномалија во општеството. Така да не мислам дека по прашање на сценарио стои, но по прашање на пари стои. Сега и послабо и полошо од пред десет години. Сега се снимаат многу малку филмови годишно, буџетите се многу намалени а знаеме дека филмовите се скапа работа. Ние како држава сме многу мал пазар и кај нас многу тешко може да се направи филм без државни пари. Сите велат, не се снимаат серии. Да, затоа што спонзорот нема сметка толку многу пари да даде затоа што нема од каде да ги врати. Неговиот пазар е толку, ние не сме ни два милиони народ. Тие се финансиските проблеми и тука тапкаме во место. Не се размислува на големо, дека тој филм може да биде амбасадор на културата и може да се стигне до некаде. На пример „Медена земја“ е снимен речиси без никакви пари, бил документарец па премина во полудокументарец и ете стигна до Оскар. Многу е важна идејата а идејата тешко се раѓа. Да ги тргнеме на страна парите, најскапа е идејата. Секогаш кога има добра идеја таа се преточува на филмско платно или на сцена и после нема промашување само движи напред.

Во септември летната сцена на МНТ беше именувана по Славиша Кајевски, Ваш близок пријател и колега кој прерано не напушти. Како го доживеавте тој момент и чија беше идејата?

Идејата во главно беше на сегашниот директор, кој што само што дојде на функцијата директор на МНТ. Ние ова во неколку наврати сме го спомнале, како може да возвратиме на тој еден многу близок другар и колега кој што прерано не напушти и ни остана таа една дупка и болка во себе. Како да му се раздолжиме за неговата посветеност на театарот?! Така што кога дојде новиот директор, рече ова е моја прва идеја која што сакам да ја спроведам. Најтешка вечер беше отворањето. Буквално не сакавме тоа да звучи ни патетично ни траорно, туку едноставно само се пуштаа снимки и гласови од негови претстави и филмови. Тоа е многу емотивно посебно за оние кои бевме блиски со него. А тука бевме многу блиски луѓе вечерта присутни. Но тоа се надмина и некако за нас беше многу важно таа болка да ја надминиме преку нешто друго, така што човек си наоѓа канали и така ние таа болка ја надминавме и сега тој е тука на сцената и живее, тоа ќе остане за него и така ќе се споменува неговото име, така човек таа болка некако ќе ја победи во себе.

Неодамна ја добивте наградата „Васил Иљовски“ за особен придонес во комедиографијата. Претходните добитници беа значително повозрасни па што Вас Ви значи оваа награда особено затоа што е од Куманово но и дали сега и официјално се категоризирате и пронаоѓате како актер само за комедија?

Напротив, јас во животот имам некаде 45 театарски премиери од кои само 7 или 8 се комедии. Комедија е повеќе ова со стенд ап кое го работам надвор од театарот. Нормално дека кога на телевизија ќе се појавиш, комедијата била повеќе гледана па таква е призмата на гледање. Инаку никогаш не сум се профилирал, ниту сум сакал и можел само за комедија бидејќи сум репертоарски актер во ансамблот на Македонски народен театар. Навистина многу колеги, режисери, драматурзи го добиле ова признание „Васил Иљовски“, кое што е многу важно затоа што тој е еден од нашите најплодни и најважни творци од минатиот век. Особено ми значеше тоа што е од мојот град, затоа што таа жири комисија, тие кои одлучуваат во Советот на фестивалот кој е скоро 30 години, така одлучиле на 40-годишник да му го дадат ова признание. Јас така и излегов на сцена и реков: „Извинете мислам ова малку прерано да не е за мене? Што следува после ова? Животно дело и да се пензионирам?“. Навистина се повозрасни, но не е моја одлука. Многу ми е драго тоа признание. Еден повозрасен актер од МНТ низ разгвор на таа тема ми рече: „Не, не чекај. Ти си помлад но премотај колку си изработил ти наназад во годиниве и ќе видиш и дека ти ем не си толку млад, ем имаш многу изработено и си стигнал до таа точка на вриење па тие рекле дајте да му дадеме на овој човек признание.“

Советот на фестивалот во образложението на одлуката наведе „се наоѓа во многу зрел период од животот и кариерата“. Дали и Вие така се чувствувате на животен и професионален план?

Зависи од тоа што значи зрел, зрел значи кога си надминал некои стравови кај себе од тоа што следува како улога, како актер, како предизвик на сцена. Дали зрел значи дека одиграл она што си зацртал на сцена дека сакаш и треба да го одиграш како актерски и драмски предизвик? Веројатно, ако значи тоа, тогаш можам да кажам дека сум зрел, сум почнал доста млад уште од втора година на Драмски факултет. Но, не значи дека тука ќе застанам и се конзервирам. Ова за мене е предизвик за уште поголеми постигнувања.

Имавте епизодна улога во српската серија „Радио Милева“ какви се Вашите амбиции за регионална кариера. И дали сметате дека нашиот јазик е бариера или можеби различниот хумор ?

Што се однесува до стенд ап сум имал многу настапи и фестивали во Белград и другите градови во Србија, имам добивано награди во Словенија, но некако дека не се гледам таму себе почнав и да ги одбивам тие покани. Тоа е така затоа што некако на друго сум сконцентриран. Имало неколку филмови како „Бичемо прваци света“, во „Радио Милева“ кога зборуваме за јазична бариера дури не играм ни македонец туку бугарин. Едноставно јас немам некоја страшна амбиција да се излезе надвор. Јас тука многу творам и работам, дури би требало многу работи туку да оставам за да бидам таму. Едноставно некои работи се случуваат и поклопуваат да се случи но немам некоја болна амбиција да одам таму. Сите велат оди во Србија за да успееш, но секогаш велам, тоа треба да се случи затоа што не мислам на 40 години да се „лактам“ таму.

Во полн ек е турнејата со Широк дијафазон, во МНТ ја работите претставата „12“. Најавени се повеќе премиери во МНТ, македонски филмови. Што друго работи и наскоро ќе работи Сашко Коцев?

Снимени се два играни филма кои што треба да доживеаат премиера во скоро време. Едниот е на Срѓан Јаничијевиќ а другиот на Ѓорче Ставрески. Имам и закажано снимање на филм на Гоце Трајковски а во продукција на Игор Иванов – Изи на крајот на ноември. Таа улога ќе ми е една од подрагите затоа што тоа е едно многу интересно сценарио. Имам во странство неколку видео кастинзи испратени од кои чекам резулатите. Се работи на претставата „12“ по истоимениот филм „12 Аngry man“, многу добар текст и многу добра екипа. Ние цело време се смееме дека тоа е екипа од солисти а многу е тешко солисти да свират во филхармониски оркестар симфонија и тоа за нас сега е голем предзивик, сите тие големи имиња собрани во едно место да „свириме“ под ист виолински клуч во еден акорд. И мислам тоа ќе биде еден многу успешен проект на МНТ, за дваесеттина дена е премиера. Останува и тековниот репертоар на МНТ со 15-тина претстави од кои јас играм во доста од нив.