Народен театар – Битола денеска ја најави својата трета премиера во сезоната 2024/25 година. Утре на сцената на битолскиот театар своја премиера ќе има претставата „Ричард III“ од Шекспир, по преводот на Драги Михајловски а во режија на Мартин Мирчевски. Се работи за копродукциски проект на Мартин Мирчевски и Народен театар – Битола и истиот е финансиран како независен проект на Мирчевски од Годишната програма за култура за 2024 година.
Во претставата играат: Маја Андоновска – Илијевски, Илина Чоревска, Марија Стефановска, Александар Стефановски, Филип Мирчевски, Кристијан Танчевски, Викторија Степановска – Јанкуловска и режисерот Мирчевски на кој ова му е трета режија по „Ревизор“ од Гогољ и „Готвејќи го Шекспир“.
„Пред доста години во претставата „Хенри VI“ во режија на Џон Блондел со која гостувавме во Лондон и направивме една турнеја по светот, го играв ликот на Ричард од Глостер. Тоа е некоја увертира која што потоа фаќа континуитет во драмата „Ричард III“, тоа е некоја праисторија на неговиот лик. Уште кога ја почнував таа претстава добивав некаква идеја за „Ричард III“, доста долго време во мене созреваше идејата за „Ричард III“, многу години, многу мутираше самата идеја, многу верзии на „Ричард III“ и сега реков доста е застанувам и оваа верзија која ја имам во себе си во моментот сакам тука да ја реализирам.“ – рече Мирчевски.
На прес-конференцијата за своите ликови и претставата зборуваа актерките Викторија Степановска – Јанкуловска, Маја Андоновска – Илијевски и Илина Чоревска.
„Ја играм Лејди Ана она што треба да биде најчистото во целата оваа драма меѓутоа во секој од нас живее Ричард III и секој од нас има по едно ангелче и ѓаволче. Ова еден пример како суштеството кое е толку чисто во еден моментот го добива тој ѓаволски призвук. И уште еден пример дека ние во нашата природа можема да одиме во крајности.“ – вели Степановска – Јанкуловска.
„Оваа претстава мене лично како актер ми се допадна бидејќи избега од рамките на Шекспир, не се занимава со историјата, семејствата, Лондон, Англија. Ова Ричард III кој се занимава со секоја земја, кој што не е географски ни временски одреден и кој се занимава со човечкиот идентитет. За мене беше голем актерски предизвик да се игра ликот на мајката која што го раѓа најголемиот убиец и монструм и како таа мајка е амнестирана или неамнестирана затоа што родила човек што убива се живо и диво дури и нејзините останати деца.“ – вели Андоновска – Илијевски.
„Претставата е многу актуелна и за мене тоа е единствената задача на театарот да се прават претстави кои што говорат нешто за времето во кое живееме. Затоа што ако се занимавме со дела и претстави кои што во моментов не кореспондираат или уште помалку успеавме концептуално да ги изнесиме идеите онакви какви што во моментот ги чуствуваме и сакаме да кажат или допрат до сегашниот гледач. Тоа би било погубно за театарот воопшто.“ – потенцираше Чоревска.
Следната изведба е закажана за 29-ти октомври, по што следуваат неколку изведби во ноември.