Народен театар – Битола ќе учествува на „Борини позоришни дани“ во Врање

Народен театар – Битола на 27-ми октомври ќе ја изведе претставата „Брод за кукли“ во Народниот театар „Бора Станковиќ“ во Врање, Србија. Претставата во режија на Кокан Младеновиќ е селектирана во рамки на натпреварувачката програма на Фестивалот „Борини позоришни дани“. Фестивалот започнува вечерва (21 октомври), кога ќе се одржи Свечената академија по повод големиот јубилеј, 100 години од основањето на театарот. По што следува вечер на филмска музика наречена „Боите на ноќта“.

Натпреварувачкиот дел од 44. „Борини позоришни дани“ започнува на 22 октомври со претставата „Очеви и оци“, во изведба на Народниот театар од Белград. Следниот ден Народниот театар од Сомбор ќе ја изведе претставата „Људи од воска“. Во продолжение на манифестацијата, на 24 октомври актерите на Ателје 212 Белград ќе ја изведат претставата „Нестајање“, додека за 25 октомври е претставата „Сумња“ на Драмскиот театар „Никола Вапцаров“ од Благоевград, Бугарија. Програмата продолжува со претставата „Било једном у Новом саду“, која е авторски проект на Андраш Урбан, закажан за 26 октомври, а ќе ја изведе Новосадскиот театар „Ујвидеки синхаз“.

На последниот ден од манифестацијата, на 28 октомври, во чест на наградените е предвидена претстава „Коштана“ која ќе ја изведе актерскиот ансамбл на Народниот театар од Ниш.

Се доделуваат награди во пет категории: за најдобра претстава, за драматургија, драматизација или адаптација, за најдобра машка улога, за најдобра женска улога. Петта ќе биде наградата на публиката по име „Радослав Радивојевиќ“, по починатиот директор на театарот Врање и основач на фестивалот. Годинава за прв пат ќе биде доделена шестата награда – Наградата на Град Врање.