Биографска книга за вокалот на „Мизар“ и „Анастасија“ излегува во ноември

Биографска книга за Горан Трајкоски ќе биде објавена на 21-ви ноември во рамки на едицијата „Македонски рок архив“ на Тошо Филиповски. Со наслов „Готра“ како што последниве години настапува Трајкоски кој во минатото настапуваше со „Сарацени“, „Падот на Византија“, „Мизар“, „Анастасија“ и „Мугер Фугер“.

Книгата на 333 страници меѓу другото содржи над 200 фотографии од кои повеќе од 100 се необјавени. Содржината вклучува изјави и сеќавања на 50-ина музичари и новинари од целиот Балкан, комплетна биографија и дискографија на Горан Трајковски, листа на сите театарски претстави за кои има создавано музика збогатено со рачно испишани текстови, сет листи, флаери, плакати, влезници, насловни страници и фото сесии од интервјуа и написи во весници.
Издавач е „Корпус деликти рекордс“.

„Готра“ е петтата книга во едицијата по „Македонска рок енциклопедија 1963-2018“, „Македонска дискографија-винили 1958-2019“, „Македонски рок времеплов“ и „Мизар – Откровенија 1981-2021“.