„Клучно е да се има филмска критика“ порачува екипата на „Бизнисот на задоволството“

Од месецов во македонските кино сали се прикажува новиот македонски филм, долгометражното играно режисерско деби на Гоце Цветановски со наслов „Бизнисот на задоволството“. Филмот веќе имаше богат фестивалски живот а сега започнува и неговата поширока кино дистрибуција. По повод битолската премиера на филмот во 3Д Кино – Битола разговаравме со режисерот Гоце Цветановски, актерите Слаѓана Вујошевиќ и Исмаил Касуми за создавање на еден ваков жанровски филм, процесот на создавање на улогите и филмот, за важноста на филмската критика воопшто но и како водилка за процесот на создавање филм кој ќе има добар прием кај публиката.

„Приемот во странство и на фестивалите беше многу подобар од што очекував. Јас сум секогаш многу самокритичен за мојата работа и искрено не очекував толку многу селекции и толку многу награди но најверојатно го препознале целиот тој труд и љубов која беше вложена во работата на филмот. Така што филмот сѐ уште патува наредни три фестивали нѝ се во Бразил, Боливија и на Бахамите. Многу ми е мило што и во Македонија публиката одлично го прими многу од коментарите беа дека е модерен филм, со модерен пристап кон нарација, начин на снимање, самата приказна. Видовме дека бројот на гледачи растеше со текот на времето што значи дека она што го велат на англиски „word of mouth“ било позитивно.“ – вели режисерот Цветановски.

Со актерката Слаѓана Вујошевиќ на која ова ѝ е прва поголема филмска улога зборувавме за процесот на создавање на филмска наспроти театарска улога.

„Голем е предизвикот да се работи на филм воопшто бидејќи ние имаме ретки прилики да работиме филм затоа што ретко се снимаат филмови во Македонија иако многу се радувам што со текот на времето тоа почнува да се менува. Дефинитивно ова беше голем предизвик за мене, имам скромно искуство на ТВ серии но сепак неможе да се спореди процесот на снимање и подготовка на филм ни со театарска претстава ни со ТВ серија, посебно е на свој начин. Се потпирав на секој еден член од екипата почнувајќи од Гоце до Феко зад камерата, шминка, костим и најмногу од сѐ партнерите сите до еден кои што имав сцени но и оние со кои немав а само ги гледав на снимањата, сите ми беа голема инспирација и учев многу во текот на овој процес. Самото тоа што овој филм е мој првенец се чувствувам многу благодарна и многу среќна затоа што тоа ми отвори еден нов свет во кој што јас покажав дека можам да бидам своја и да уживам во тоа што го работам.“ – вели Вујошевиќ.

Ликовите се оние кои го носат замисленото од режисерот и напишаното од сценаристот па со актерот Исмаил Касуми кому ова е втора филмска улога во краток временски период, зборувавме за неговиот лик и колку има стеретиопи кај ликовите кои тој ги играше во овие филмови.

„Не верувам дека се слични, можеби личат но не се. Кај „Те дуа жими мене“ мојот лик беше некој мафијаш продуцент и можеби личи на овој лик сега во „Бизнисот на задоволството“ но ликот не. Овде ликот е пољубезен, помек и покомичен а во „Те дуа жими мене“ беше друг лик – мафијаш. Имам прочитано една критика од Сунчица Уневска. Многу значи тоа за мене и ми дава некој внатрешна сила дека вреди да правиме вакви филмови а не тие филмови со стереотипи.“

Важноста на филмската критика ја потенцираше и Вујошевиќ.

„Јас мислам дека е клучно да се има театарска и филмска критика. Тоа е многу важно и ми е многу тажно што нема и што се ретки. Јас прочитав неколку рецензии за филмот. Една само ми недостига која што ми рекоа дека била поприлично негативна но јас сметам дека секоја рецензија е исклучително важна за филмот, филмските работници но и за театарските работници бидејќи сметам дека така учиме ние. Сега имавме премиера во Центарот за култура во Битола и публиката е срамежлива да ги сподели своите размислувања а сметам дека за нас е многу важно да знаеме што тие мислат и како се чувствуваат за филмот. Затоа и сметам дека се исклучително важни бидејќи тоа е некој личен став некогаш базиран на поприлично филмско или театарско знаење. Мене многу ме радува овој голем интерес за филмот и постојано ми пристигнуваат некои пораки лични, на луѓе кои не се филмски критичари но ги допрел филмот на некој посебен начин. И на крајот на денот филмовите се и за тоа да допрат до срцата на гледачот.“ – додава Вујошевиќ.