Премиера на „Бизнисот на задоволството“ за 44. годишнина на Центар за култура – Битола

Синоќа во 3D Кино Битола се одржа битолската премиера на дебитанскиот игран филм на режисерот Гоце Цветановски, „Бизнис на задоволството“. Со оваа филмска премиера Центарот за култура – Битола го одбележа и својота 44-та годишнина од основањето. А одбележувањето традиционално трае цел месец.

„Да се биде човек кој го води овој Центар за култура во последните 6 години за мене беше една навистина голема одговорност но и аманет да се продолжи една приказна која навистина овој Центар за култура го направи водечки не само во овој регион туку и во нашата земја. Најголем по капацитет на публика, најголем по уметниците кои што доаѓале во оваа сала и секогаш заинтересираната битолска публика за која што навистина вреди да се работи.“ – истакна Маја Андоновска – Илијевски, директор на Центар за култура – Битола.

Политичкиот и крими трилер „Бизнисот на задоволството” ја следи приказната на новинарка, која опседната со исчезнувањето на најдобрата пријателка подготвува тајна операција со цел да разоткрие мрежа за трговија со жени. Но, како што нејзините соучесници се приближуваат до шефот, ситуацијата излегува од контрола.

На премиерата на филмот присуствуваше режисерот Цветановски заедно со актерите Слаѓана Вујошевиќ и Исмаил Касуми, како и композиторот Димитар Андоновски кој стои зад музиката во филмот.

Многу ми е мило што и во Македонија публиката одлично го прими многу од коментарите беа дека е модерен филм, со модерен пристап кон нарација, начин на снимање, самата приказна. Видовме дека бројот на гледачи растеше со текот на времето што значи дека она што го викат на англиски word to mouth било позитивно.“ – вели режисерот Цветановски за Култура24

Својата прва поголема филмска улога во овој филм ја оствари актерката Слаѓана Вујошевиќ.

Се потпирав на секој еден член од екипата почнувајќи од Гоце до Феко зад камерата, шминка, костим и најмногу од се партнерите сите до еден кој што имав сцени но и оние со кои немав а само ги гледав на снимањата, сите ми беа голема инспирација и учев многу во текот на овој процес. Самото тоа што овој филм е мој првенец се чувствувам многу благодарна и многу среќна затоа што тоа ми отвори еден нов свет во кој што јас покажав дека можам да бидам своја и да уживам во тоа што го работам.“ – вели Вујошевиќ за создавањето на ликот.

На премиерата беше присутен и актерот Исмаил Касуми на кого ова му е втора филмска улога во краток временски период.

„Не верувам дека се слични, можеби личат но не се. Кај „Те дуа жими мене“ мојот лик беше некој мафијаш продуцент и можеби личи на овој лик сега во „Бизнисот на задоволството“ но ликот не. Овде ликот е пољубезен, помек и покомичен а во „Те дуа жими мене“ беше друг лик – мафијаш.“ – појаснува Касуми.

Музиката за филмот е дело на битолчанецот Димитар Андоновски.

„Голем предизвик за мене како композитор бидејќи за мене лично беше прво филмско остварување. Многу сум среќен за овој проект. Направивме нешто со кое сите се гордееме. Еден прекрасен филм кој е малку поразличен од она што ние во Македонија сме научени да гледаме како теми.“ – рече Андоновски.

Останатите улоги ги толкуваат Муса Исуфи, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.