Ревија на класични литвански филмови во Кинотека

Литванската амбасада во Скопје и Кинотеката на Македонија организираат ревија на класични литвански филмови за презентирање на литванската кинематографија и култура пред македонската публика. Проекциите се одржуваат од петок, 13 септември до 16 септември со почеток во 20 часот во Кинотеката.

Вечерва на програмата е поетската драма „Убавина“ на режисерот Арунас Жебриунас од 1969 година, по што следува документарниот филм „Time walks through the city” од режисерот Алмантас Грикевичиус од 1966 година.

Литванските филмови се со превод на англиски и на македонски јазик, а влезот е слободен.

На програмата во сабота е краткиот документарен филм „Пристаниште“ од 1998 година на режисерот Аудриус Стонис, како и политичката сатира на Раимондас Вабалас од 1969 „Марш!Марш! Тра-та-та!“.

Во недела се прикажува драмата на литванскиот режисер Алгирдас Араминас „Кога бев дете“ од 1969 година, а во понеделник фестивалот на литвански филмови се затвора со поетската драма „Девојката и ехото“ на режисерот Арунас Жебриунас за кој во 1965 година беше награден со специјалната награда од жирито на Меѓународниот филмски фестивал во Локарно.