Народен театар – Битола утре (14.09) премиерно на матичната сцена ќе ја одигра својата трета премиера за оваа година – „Галеб“. По текст на Чехов а во режија на Багријана Попов оваа претстава беше претходно изведена на „Охридско лето“.
Во претставата играат: Јулијана Мирчевска, Илија Волчевски, Огнен Дранговски, Катерина Аневска- Дранговска, Васко Мавровски, Соња Ошавкова, Леонида Гулевска, Александар Димитровски, Живко Борисовски, Валентин Дамчевски и Дарко Велкоски.

„Многу моќни ми изгледаа генијалците кои ги напишаа „Војна и Мир“ и „Карамазови“ но нивните книги не биле напишани за мене туку за некој друг. А кога се појави новелата на Чехов ми се причини како да сум го прочитал својот сопствен немир.“ – цитираше В.Д. директорот Васко Мавровски од критиката на рускиот писател Чуковски наместо најава на делото.

„Привилегија беше да режирам уште една прекрасно дело на Чехов. Ова ми е трето искуство да режирам со актерите од Битолскиот театар. Длабоката врска со традиција и театарска уметност на овој театар се чувствува секогаш. Сум режирала дела на Чехов многу пати низ годините во Австралија, Бугарија и Финска. И секогаш процесот е голема истражување на човештвото за љубовта, односите, неуспесите и човечката ранливост.“ – рече режисерката Багријана Попов.
Во претстава игра актерот Илија Волчески од театарот во Прилеп, на кој ова му е прва соработка со Народен театар – Битола.
„Секогаш е добро кога менувате средина затоа што кога работите постојано во еден ист театар навикнувате на екипата и колегите околу Вас и некогаш со некои претстави можеби не наоѓате доволно предизвик. Оваа моја промена за мене е едно позитивно искуство и на некој начин ме изваде од некоја сигурна зона.“ – рече Волчески.

„Исклучителен предизвик е да се игра било кој од овие ликови. Јас го толкувам ликот на Илина Николаевна – Калина која е мајката на Сергеј Гаврилович, нејзин син од брак кој го имала на помали години а во овој момент е една исклучително позната актерка која е во врска со од неа помладиот Григорин. Она што е важно за мојот лик и тоа еден дел од оние теми кои ги разработува Чехов а тоа е односот на мајката кон нејзиниот син тука е целата трагедија. Тоа е една жена генерално исполнета и реализирана во својата кариера, едноставно сега се бори на нејзините четириест и три години да остане млада негирајќи го постоењето на нејзиниот син, одбивајќи го своето детето. Опседната е својата врска, својот љубовник, оставајќи длабоки траги во душата на својот син и сосема несвесно му го уништува и завршува животот.“ – вели актерката Јулијана Мирчевска за својата улога.
„Јас сум бескрајно среќна што имав можност да работам вакво дело на Чехов а „Галеб“ е мое омилено дело. Мислам дека за еден актер е предизвик да изигра било кој лик од Чехов. Средбата со ликот на Нина и се што таа носи, нејзиниот внатрешен багаж, нејзината борба, љубов, страдање и средбата со мојот личен багаж, сето тоа да слее во едно, Нина и Катерина, беше предизвик за мене. – вели актерката Катерина Аневска – Дранговска.

Костимографот Благој Мицевски кој и претходно работел со Попова потенцираше нејзиниот режисерски пристап.
„Режисерскиот пристап на Багријана е филмски, скоро документаристички. Таа го прави Чехов онака како што тој заслужува и треба да се прави. Најважното нешто што публиката ќе го види е како се прави Чехов.“
На прес-конференцијата беа најавени и следните гостувања и проекти на Народниот театар – Битола. На 6-ти октомври тие ќе гостува на театарски фестивал во Бјелисток, Полска, на 16-ти октомври ќе има премиера на монодрамата „Куфер.МК“ со Соња Михајлова, на 25-ти октомври премиерно ќе биде одиграна претставата „Ричард Трети“ во режија на Мартин Мирчевски, а на 14-ти ноември по повод 80 години Народен театар-Битола, публиката ќе ја види претставата „Ѓоре Магарески – 80 години потоа“. До крајот на ноември се планира уште една премиера а до крајот на година и детска претстава.