Во петокот на 30.08.2024 год, во фоајето на НУ Центар за култура Битола, свечено се отвори изложбата „Парчиња живот“ на Бојана Артиновска.

Оваа ликовна изложба се состои од повеќе од 100 мали формати, изработени во различни техники- цртеж, акрил на хартија , акрил на платно, масло на платно, создадени спонтано за време на паузите помеѓу работата на поголеми дела.

Секое дело е фрагмент од патот на самооткривање и раст, и преку нивното внимателно поставување во оваа изложба, се рефлектира сложеноста и убавината на обичните моменти кои подсвесно го обликуваат животот. Животот, како уметност сам по себе, е составен од различни „парчиња“ кои заедно формираат уникатно и значајно искуство. Оваа изложба е посвета на тие „парчиња од животот“, гледани како уметност.

„Уште едно парче откинато од животот е вечерашната изложба на Бојана Артиновска. Изложба која зрачи со женска енергија и емоција, изложба која раскажува приказна за навидум малите но всушност најубави мигови во животот на еден човек. Се радувам што ова е наша прва соработка и се заблагодарувам на Министерството за култура за тоа што ја препозна оваа изложба како проект од национална важност во годишната програма на Центарот за култура Битола за 2024 година. На Бојана и посакувам да не го запира творечкиот процес и повторно да се гледаме на некои следни изложби“ – рече директорката на НУ Центар за култура – Маја Андоновска Илијевски во своето обраќање во рамките на свеченото отворање.
Сликарски дневник (извадок од рецензија)
Бојана Артиновска создава сликарство кое се движи, пулсира, вибрира, се развива, се мултиплицира…низ специфична, оригинална и директна ликовна постапка.
Таа е ослободена од сите наметнати канони, од сите оценки и анализи за тоа што е добро што не е, таа создава искрено, директно, непрекината, движејќи се исклучиво по својот внатрешен глас.
Тоа најмногу ја доближува до елементарното исконско и единствено вистинско создавање а тоа е сликање, цртање, кроки бележење во вид на секојдневен сликарски дневник без разлика како и кон што е насочен, без разлика зошто, кому, колку… Тоа е говор без интерпункција, без „рационална“ пресметлива пауза за разубавување или рационално додавање и стилско препознавање.

Ова е феноменот на нејзината најнова изложба: пристап кон бележење на ликовноста на директен начин, непрекинат и постојан, како внатрешен говор и монолог пред светот и световите. Тоа е она детското што секој сликар би требало да го носи во себе. Тоа секојдневно бележење низ своевидниот дневник или сликарски „хербаариум“ е суштинската порака до сите нас.
Феноменот на оваа изложба не е само создавање на дела кои се во некаков општествен контекст, ова е изложба која би требало да го пробуди тоа детско во нас, да ја открие, да ја иницира нашата заборавена, негирана, омаловажена креативност.
Владо Ѓорески

фотографии : Диоген Хаџи-Коста Милевски
There is no gallery selected or the gallery was deleted.