Во понеделникот, на 26 август вo Офицерскиот дом во Битола се одржа ревија на народни носии од етнички предел Пијанец. Проектот е соработка со Europe House Bitola и е поддржан од Министерството за култура и туризам.

Пијанец е мала планинска котлина во североисточниот дел на Македонија, што го опфаќа рударскиот дел Саса. Главен административен центар на Пијанец е градот Делчево, поранешно Царево Село.

На ревијата беа прикажани три женски носии од тој предел, познати како летна или секојдневна, зимска или празнична и невестинска носија кај која се забележуваат елементи од ала франга стилот.

Освен ревијата, на настанот се изведуваа и народни песни и ора, а имавме можност да ја проследиме и изведбата на познатото македонско оро „Копачка“ кое денес е под заштита на УНЕСКО, во машка и женска изведба. За сето тоа беа задолжени членовите на КУД Илинден од Битола. Главната инспирација за проектот е обичајот „Престапулка“ со кој се одбележувало проодувањето на детето, а тоа што вчера го видовме беше нова сценска адаптација насловена „Да е живо и здраво, това што нѐ е собрало“.

Автор на проектот е Филип Јаковлевски, историчар и активен член на КУД Илинден, а стручен соработник, м-р Љупка Стефановска.