Дедиќ и Бојчевски со совршен настап на Битолската светска сцена

Вчерашниот концерт на Матија Дедиќ и Горан Бојчевски беше уште еден успешен настан организиран од КИЦ Битола, во склоп на Битфест 2024. Не помалку од очекуваното, вчеравечер, одбраната публика уживаше во хармонијата на пијаното и кларинетот, мајсторијата и големото музичко познавање на овие великани. Дедиќ и Бојчевски беа придружувани од Јака Крушиќ на контрабас и Грегор Хорват на тапани. Сите заедно ја доловија магијата на едно возбудливо музичко творештво, а акустиката на Свечената сала во Офицерскиот дом го дополнуваше чувството на љубов и емпатија со музиката.

Како што кажа Бојчевски, тој после дваесет години повторно настапува во родниот град. После неговото образование во Австрија и настапите во светот, тој е повторно дома и со целото негово искуство и знаење важи за еден од најдобрите кларинетисти на овие простори.

Концертот насловен „Balkan Nuevo“ се состои од авторски дела на Бојчевски, како „Живееме еден покрај друг“, „Шпанска игра“, „Ромска игра“, а вчеравечер беа изведени и две композиции од Арсен Дедиќ, таткото на Матија, како и македонските „Ајде слушај, слушај калеш бре Анѓо“, „Јовано, Јованке“ и „Зајди, зајди“. Исто така беше изведена и композиција во седум-осмински ритам на стаклениот кавал на Бојчевски.

Фотографии: Диоген Хаџи-Коста Милевски