„Големото езеро“ од Португалија ПОБЕДНИК на тринаесеттото издание на ИДТФ „Битолино“

Со претставите „2-квадратни метра“ од Унгарија и „Воздух“ од Словачка заврши тринаесеттото издание на ИДТФ „Битолино“. Битолската публика уживаше во фестивалските денови и магијата на театарот, а особено децата кои се протагонисти на овој фестивал.

Добитникот на Гран-при наградата на овогодинешното издание на фестивалот е претставата „Големото езеро“ од Португалија во продукција на Imaginar do Gigante.

Стручното жири во состав, претседателот Милан Пајиќ, дипломиран актер од Србија и режисерите Драгана Милошевски-Попова и Благојче Божиновски изјави:

„„Големото езеро“ е претставата која ги задоволува сите критериуми на современиот театар за деца, многу возбудлива, разиграна, со комбинација на театарски сенки и објекти, но и претстава која испраќа силна порака, важна и единствена, но и опоменува и потсеќа на одговорност и ангажираност преку интеракција и современа комуникација со публиката.“

„Големото езеро“ е фантастична визуелизација на многу актуелна тема. На Северниот Пол, боите се здружуваат на небото формирајќи огромно бело ќебе. Мајката мечка и нејзиното малечко си играат и долго нуркаат во замрзнатото море. Потоа ги сушат алиштата на студот и одат дома да направат вечера. Но, со секој изминат ден градовите стигнуваат се поблиску и ги одмрзнуваат домовите. Мајката мечка и нејзиното младенче си заминуваат.

Фотографии: Ивона Кочов