Српскиот актер Мијан Пајиќ ќе биде дел од жирито на 13-то издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“. Покрај Пајиќ во жирито ќе бидат режисерите Драгана Милошевски – Попова и Благојче Божиновски од Македонија.
Пајиќ освен големото искуство во театарски проекти вклучувајќи и претстави и работилници за деца, во Србија е познат по бројните филмски и телевизиски улоги. „Парада“, „Непобедиво срце“, „Војна Академија“, „Синѓелиќи“ „Ургентни центар“, „Игре судбине“ се само дел од популарните ТВ програми во кои имал улога. Освен актерските проекти, работел на синхронизации и како радио и ТВ водител.
13-то издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“ ќе се одржува од 3-ти до 7-ми август а жирито ќе го избере добитникот на Гран-при наградата за најдобра претстава во конкуренција од претстави од Шпанија, Португалија, Словачка, Унгарија, Германија и Литванија.