Македонија годинава ќе нема кандидат за Оскар за категоријата најдобар странски филм.
„Македонскиот филм е заглавен во „кал“. Не се сервисираат проектите кои се во развој, во продукција или се завршени. Нема нови проекти, прекинати се или се загрозени речиси сите регионални и меѓународни соработки, а Македонија годинава нема да има ни кандидат за Оскар, едноставно затоа што нема филм кој ги исполнува прилично едноставните услови пропишани од Американската Академија за подвижни слики, уметност и наука.“, велат од Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ). Друштвото го објави повикот за пријавување на 12 јули, а рокот завршува на 12 август.
Според правилата на Американската филмска академија за категоријата најдобар странски филм, „Филмот избран од земјата мора прво да игра во земјата на потекло не порано од 1 ноември 2023, а најдоцна до 30 септември 2024 и прво јавно да биде прикажан најмалку седум последователни денови во комерцијално кино за профит на продуцентот и киноприкажувачот“.
Технички, може да се квалификува само „Патување пеш“ (The Walk), вториот документарен филм на режисерката Тамара Котевска, кој лани на 9 ноември имаше светска премиера на Њујоршкиот фестивал на документарци, но уште нема ни фестивалска ни кинопремиера во земјава. Претходниот документарец на Котевска, „Медена земја“ освои историски две номинации за Оскар во 2020.
Последен македонски кандидат беше ланскиот „Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски. Доделувањето на Оскарите треба да се одржи на 3- март 2025 во Лос Анџелес.