Синоќа Битола беше домаќин на уште еден неверојатен концерт на една од најголемите живи легенди на југословенскиот рокенрол – Жељко Бебек. Концертот беше во рамки на славеничката турнеја за големиот јубилеј – 50 години кариера, а Бебек повеќе од два часа со својот млад бенд со иста енергија и жар ги изведуваше своите бројни хитови.

За балканскиот Мик Џегер, Ракометното игралиште беше исполнето со обожаватели од сите генерации почнувајќи од оние на Бебек па се до најмладите генерации кои во еден глас ги пееа сега веќе култните нумери на „Бијело дугме“: „Селма“, „Има нека тајна веза“, „Тако ти је мала моја кад љуби босанац“ но и хитовите кои ја обележаа неговата самостојна кариера „Лаку ноч свирачи“, „Да је срече било“, „Жуте дуње“, „Синоч сам пола кафане попио“, „Кучка невјерна“ и десетина други се до последната „Не бој се голубице“, издадена пред еден месец.

Бебек го придружуваше одличен бенд составен од млади музичари а се разбира најмногу внимание повторно привлече неговиот син Звонимир Бебек на гитара. 22-годишниот Звоне веќе со години го придружува својот татко а освен со гитара и придружни вокали, тие вчера ја изведоа дуетската „Какав отац, такав син“.

Легендарниот статус на Бебек, десетиците негови хитови и неверојатната енергија за своите години создадоа неповторлива атмосфера каква што ретко се гледа на бројните концерти во градот. Надополнето со одлична организација и беспрекорен ред од страна на Сцена продукција, синоќешниот концерт беше вистинско уживање за публиката која дојде од повеќе други градови. А неуморниот Бебек и после повеќе од два часа енергичен настап на сцената каков што немаат ни неговите помлади колеги, трпеливо се сликаше со сите обожаватели.
Фотограф: Диоген Хаџи Коста Милевски