Шеснаесет нови серенади на второто издание на „Ех, таа серенада“

Денеска, во свечената сала на Офицерскиот дом во Битола се одржа прес-конференција по повод второто официјално издание на фестивалот на староградска музика „Ех, таа серенада“. На конференцијата присуствуваа директорот на КИЦ Битола, Благојче Божиновски, Тодор Ивановски и Миодраг Неќак.

„Ова е фестивал кој решивме да го подариме на овој град, да ја вратиме славата на Битола, серенадата и да направиме да биде поубаво, поатрактивно и позабавно за посетителите и гостите. Одамна заговараме културната и туристичката понуда да се интегрираат, односно културните манифестации да придонесат кон туристичка промоција на Битола и да привлечеме поголем број на посетители заради економски бенефит. Едно од нашите задолженија е тоа што работиме на туристичка промоција на Офицерскиот дом, негово подготвување за туристичка понуда и секако на кино „Манаки“. Овие активности траат веќе две години и зависат од одредени финансиски средства и одобрувања. Но, за овој фестивал културното наследство, архитектурата и духот на градот ќе ги употребиме како туристички атрибути и во иднина ќе го направиме прво регионален, а потоа и интернационален фестивал.“ – рече Тодор Ивановски од КИЦ Битола.

Директорот Божиновски се заблагодари за присуството и додаде: „Сакам да истакнам дека годинава по втор пат официјално ќе се одржи овој фестивал-можеби единствениот фестивал во државата во кој изведувачите настапуваат во живо, пратени од Камерниот оркестар на Битола. Сите шеснаесет нумери се нови и авторски и тоа е голем исчекор во зачувувањето на традицијата на македонската музика, на серенадата и на животот кој некогаш бил присутен овде. Во склоп на серенадата ќе имаме хостеси облечени во староградска носија, два пајтони и ќе пробаме да го вратиме духот на тоа време. Она што е многу добро, оваа година покрај општината зад нас застана и Министертвото за култура и туризам и десетина спонзори. Што се однесува до квалитетот и бројот на пристигнати нумери, имаше шеесет и осум од кои се селектираа шеснаесет. Би сакал да напоменам дека влезот е слободен. Ќе ви подариме една прекрасна вечер каде ќе го вратиме сјајот на најопејаниот град, Битола.“

Музичкиот соработник Миодраг Неќак зборуваше за комисијата која под шифра ги разгледуваше пристигнатите композиции. Таа беше составена од три надворешни и два внатрешни членови, вкупно пет, на кои после направениот избор им беа откриени авторите со цел да нема пристрасност во истиот.

„Мене ме радува дека оваа година временските прилики се одлични, за разлика од минатата година кога со цела техника се префрлувавме во Центарот за култура, но овој пат времето е супер и фестивалот ќе го направиме во амбиентот на Офицерскиот дом. Настанот ќе го снима МТВ, и после месец-два ќе се прикажува на телевизија. И оваа година, како и минатата, водители се Јулијана Мирчевска и Васко Мавровски.“, додаде Неќак.

Програма на фестивалот