Вчеравечер во организација на Fresh Union на Ракометното игралиште во Битола се одржа S.O.S. Festival 2024. Оваа година фестивалот го започна ROOTBOY SELECTOR кој ја размрда битолската публика и ја подготви за настапот на легендарниот Игор Џамбазов и Гуру Харе Бенд.
„Овој пат S.O.S. не значи дека сме во опасност туку значи: „Спас од сељаци!““, додаде Игор
Двата Игоровци ги отсвирија најпознатите, стари и нови хитови и преработки од нивниот албум „The best off Игор Џамбазов & Гуру Харе Бенд“. Публиката уживаше во хармонијата на блуз музиката и македонските текстови. Голем впечаток остави изведбата на преработката на „Ако умрам ил загинам“ од Јонче Христовски за кој Џамбазов изјави дека беше еден голем и фин господин човек-белег на македонската народна песна.
Најголемите ѕвезди на вечерта беа култните „Забрањено пушење“, еден од најпознатите екс-југословенски рок бендови од Сараево, кои скоро три часа ги забавуваа обожувачите со нивните „Зеница блуз“, „Гузоњин син“, „Пишоња и Жуга“, „Фикрета“ и многу други.
Фото: Ивона Кочов