Никогаш доста од потресни приказни за Евреите и нивните страдања за време на холокаустот. Историјата се учи само кога не се повторува. Рускиот Драмски Театар Костанај од Казахстан допира до болна точка и плускавци кои сѐ уште, речиси цел век не заздравиле.

„Кој го знае едниот“ не е исповед на преживеани. Тоа е директно обраќање до пијавичната глава што ја прекр(о)и демографската карта на Европа со крв. Во тешкото, износено и маслосано одело со впечатлив Х-знак на грбот, актерката Јулија Кудрјашова ја раскажа судбината на луѓето од креда, тие што живееле, а биле избришани. Со сипанично бледило под чии јаболчници излегуваа зборовите механички и темпераментно, ситната силуета го дофаќаше дометот на еврејските прогонства. Имитирајќи ја ненадејната промена на мултиперсоналните гласови што извираат по траума, Кадрјашова прелетува преку спомените на девојче оставено да ги искуси најцрните денови на светскиот поредок. Девојчето што остарело од незнаењето за човечката злоба. Само четири години биле доволни да ѝ ги растргаат соништата и да ги истенчат до прашина.
Претставата во режија на Дина Зумбаева отвора прашања особено во време кога непцата на планетата повторно се разжаруваат, на чија страна е вистината? Чевлите како последен потсетник дека убиените биле луѓе наспроти маршот од војничките чизми чии ѓонови безмилосно ги газат и смачкуваат создаваат пресек на поговорката „да влезеш во чевлите на другиот“ за жал, круто негирана во Втората Светска Војна.

Кадрјашова маршираше и колнеше, постојано доцртувајќи на вратата во потрага по излез. Со своето излагање таа се отвори пред публиката како историска читанка. Несомнено порасна на сцената и помеѓу чадот што симболизираше грозоморен начин на систематско уништување. Ни даде омраза, но го даде и противотровот за апатијата-надежта. Трагична и бистро осмислена претстава за двата лика на паричката за кои не може точно да се претпистави каде ќе падне . На сцената на битолскиот Центар за култура покажа како може да се извлече бравурозното од монструозното. Преку маестрална глума.
Монодрамата беше дел од официјалната селекција на 25-то јубилејно издание на Интернационалниот Фестивал на Монодрама во Битола.
Јована Матевска Атанасова
фотограф: Диоген Хаџи-Коста Милевски
https://www.instagram.com/monodramabitola