Со свечен концерт со лауреатите од минатогодишниот Пијанофест, се отвори годинешното 6.издание на меѓународниот натпревар „ПИЈАНОФЕСТ 2024″. Концертот се одржа во цвечената сала на КИЦ.Офицерскиот дом во Битола и на истиот музичката магија ја пренесоа: Јана Блажевска Соло Пеење ( Македонија) и Јурен Алиа Пијано ( Албанија).
„Пијанофест’ е во организација на Здружението на пијанисти и музички педагози „ПИЈАНО“ од Битола, а се реализира под покровителство на Министерството за култура на Македонија и Oпштина Битола. Овој натпревар е во соработка со Културно Информативниот центар – Битола. На присутните им се обрати градоначалникот на Општина Битола, др. Тони Коњановски.

Здружението ПИЈАНО ја промовира класичната музика и вредностите кои таа ги носи сама по себе. Формирано во 2018 година од професионални педагози по пијано како и од група ентузијасти и љубители на класичната музика, ова здружение има за цел да го подигне нивото на музичката култура, културата за слушање на класична музика, како и да имплементира еден нов начин на едукација на младите таленти кои што во иднина ќе ја продолжат музичката традиција, преку интернационални проекти, семинари, работилници, мастеркласи и сл. Здружението Пијано исто така ги стимулира, поттикнува и мотивира младите музички надежи од нашиов град, од државава и пошироко за развој на нивниот талент и интеркултурна размена на искуства и идеи и со таа цел организира активности во текот на целата година. Приказната ПИЈАНОФЕСТ започнува во 2019 година, со идејата за културно раздвижување, а резултира со успешен настан и учесници не само од нашата земја, туку и од Србија, Италија, Албанија, Ермениа, Косово, Полска, Хрватска, Бугарија, Црна Гора, Малта и други земји. Од година во година интересот за натпреварот е се поголем, и големото „Пијанофест семејство” се повеќе расте. Оваа година има околу 150 учесници кои ќе се натпреваруваат во дисциплините пијано соло, соло пеење, а оваа година за прв пат и во дисциплината камерна музика.

Меѓународна жири комисија оваа година е составена од: за дисциплината пијано Бојана Родиќ (Србија), Елена Ѓоргиева (Македонија) и Милица Лоренс ( Малта ). Во дисциплината соло пеење: Македонка Митреска (Македонија), Иванка Нинова ( Бугарија ), Маја Митровска (Македонија). И во дисциплината камерна музика : Милица Лоренс ( Малта ), Вангел Мажевски ( Македонија ), Иванка Нинова ( Бугарија ). Следниве 2 дена, на 8 и 9 јуни, во КИЦ, Офицерскиот дом продолжува натпреварот Пијанофест 2024, а за најдобрите следуваат вредни награди. Битола со овој настан покажува дека со право го носи епитетот ГРАД НА КЛАВИРИТЕ. Битола го заслужува ова, Битола го заслужува ПИЈАНОФЕСТ.