Со „Глумците пеат“ започна Фестивалот на монодрама

Со речиси три часовна програма вчера свечено беше отворен јубилејниот 25-ти Интернационален фестивал на монодрама во Битола.

Свеченото отворање на фестивалот синоќа, оддаде почит на сите личности и институциикои низ изминатите 25 години дадоа свој придонес во растот на овој фестивал: Љупка Коларова Пајевиќ, Борис Чоревски, Ана Бегајовска, Зоран Димовски, Борче Димитровски, Петар Мирчевски, Нина Мазур, Општина Битола, Министерството за култура а специјално признание доби ЗК Пелагонија, без чија поддршка невозможно беше да се реализира гостувањето на шоуто „Глумците пеат“ со кое се отвори јубилејното издние на ИФМ.

Околу 90 учесници беа повеќе од два часа на сцената, од кои 40 актери и 30 музичари. Помеѓу многуте познати актерски имиња беа битолчаните Маја Андоновска – Илијевски, Петар Горко и Бојан Стојков а освен на нив на сцената беа и Тања Кочовска, Дритон Вејсели, Адриан Азири, Наталија Теодосиева, Нина Деан, Биљана Драгичевиќ – Пројковска, Арна Шијак, Нина Елзесер, Рубенс Муратовски, Бајрам Северџан и многу други. Се изведоа најпознатите домашни, балкански но и европски композиции од популарното музичко натпреварување. „Ин корпоре сано“, „Инсиеме“, „Лане моје“, „Молитва“, „Ја сам за плес“, „Хајде да лудујемо“, „Ватерлоо“ се само неколку од вкупно 26-те евровизиски нумери на генералната проба за Евровизија 2134. Како и на вистинската Евровизија, програмата ја водеа водители и тоа познатото ТВ лице Миланка Рашиќ и актерот Игор Ников а „евровизиската вечер“ во Битола заврши со гласање на публиката во Центарот за култура.