Соња Ошавкова: „Создавањето нови ликови е мојата најголема радост“

Изминатиов период театарот во Македонија е во подем, особено Битолскиот народен театар кој важи за најамбициозниот театар во државата, а меѓу другото тој е и најстариот македонски театар и оваа година прославува осумдесет години од првата претстава на македонски јазик, „Ѓоре Магаревски“. По повод големиот јубилеј, на 14 ноември премиерно ќе се изведе претставата „Ѓоре Магаревски-осумдесет години потоа“. Текстот е на Владо Малески, а во процесот на режија се вклучени режисерите Благој Мицевски, Софија Ристевска Петрушева и Јован Ристовски.

Соња Ошавкова е доајен на Народниот театар-Битола и е една од позрелите театарски музи кои сѐ уште работат со голема љубов и не ги штедат чувствата. Дел е од ансамблот на Битолскиот народен театар веќе долги години, и ден-денес нејзината сценска моќ ја докажува во улогите кои ги манифестира. Ошавкова, со својот актерски персоналитет полн со енергија и неоптеретен од емоциите, ја владее татарската сцена и преку ролјите кои перфектно ги остварува ја објаснува дефиницијата на добриот актер.

Култура24 ви го претставува разговорот со актерката кој се состои од сегменти поврзани со нејзината професија, семејството, театарските ролји, улогите во познатите македонски филмови и телевизиски серии и многу други муабети со кои јавноста досега не беше запознаена.

Кажете нѝ нешто повеќе за Вашите почетоци, за детството, образованието, фамилијата. 

Од мала прво сакав да бидам глумица како и сите други, клише. Уште како многу малечка, кога не одев на училиште мајка ми ме однесе на приредба. Таа предаваше во училиштето „Стив Наумов“. Јас имав научено една песничка се викаше „Жаба кикирица“, и имаше некоја приредба на поголемите деца за патронатот или нешто слично. Мајка ми беше професорка по физичко и често правеше различни кореографии. Работеше во Пионерскиот дом, работеше балети, слетови кои тогаш ги имаше во градот по повод прославување Нова година со децата од Пионерски дом исто и со нејзините ученици. Доста често работеше и со Бабецот на кореографии за неговите детски претстави. Секогаш беше ангажирана на такви приредби. На една таква приредба на која се сеќавам, девојчињата многу ме сакаа, трчаа по мене и ме извадија на бина. Публиката гледаше а мене ме оставија сама. И мајка ми ме бараше. Се уплаши дека ме нема. Ме бараше, а јас на сцената  ја рецитирав песничката. Добив голем аплауз, па се вратив на бис, па уште еднаш на бис. Кога учев училиште не се занимав интенизвно со театар, одев на театар со мајка ми и гледав претстави. Таа работеше кореографии за „Педаче“ и така многу ми беше интересна Јоана Поповска и театарот ми изгледаше магично уште како малечка. После како повозрасна кога веќе стигнав основно и средно училиште сакав да се занимавам со друго.

Како ја добивте идејата за оваа професија? Дали отсекогаш сакавте да бидете глумица? 

Сакав да студирам архитектура, многу ме интересираше внатрешен дизајн. Ама дојде еден период со Валентин Светозарев кој одеше во една драмска аматерска школа на Благој Николов, кој прво работеше во театарот тука па работеше во библиотеката. Имаше аматерска група и работеа претстава во гимназијата „Јосип Броз – Тито“. Јас тогаш веќе бев на крајот на трета година и тогаш да речам, малце се заразив поинтезивно. И отидов во драмското аматерско друштво на Благој Николов каде работевме на една претстава. Беше многу интересно, но мојата прва љубов и желба да студирам архитектура или внатрешен дизајн ми стоеше. Учев и математички смер сѐ за да се занимавам со архитектура. И тогаш почнав со Перица сценографот, си реков си најдов заеднички момент и ќе студирам сценографија. Си најдов заеднички елемент на театар и љубовта кон архитектурата, и почнав да се интересирам каде можам да се запишам. Тогаш во Југославија, сценографија имаше само на факултетот за применети уметности во Белград. Таму примаа околу пет луѓе од цела Југославија. Се интересирав што треба да носиме, какви цртежи да имаме и во последен момент се откажав од намерата бидејќи мислев дека ќе го пропуштам рокот и нема да ме примат во тие пет луѓе, затоа што таму одеа сликари а јас со тоа никогаш не се занимав. И така во последен момент решив дека ќе одам на глума, на Факултетот за драмски уметности.

Вие сте ќерка на доктор и на професорка. Како Вашите родители влијаеја во изборот на професијата. Дали Ве поддржаa да го остварите замисленото и да станете глумица или беa против тоа?

Домашните не ме подржаа баш. Не им беше баш по волја, посебно на татко ми. Иако беше лекар, тој не инсистираше како некои фамилии и јас да бидам лекар ама мислеше дека е моментален хир и дека инсистирам, ама ќе пропуштам некој рок. Ама јас толку се загреав и им кажав дека дефинитивно одам и со мене нема да имаат никакви проблеми, си беше моја одлука. И тогаш тие ми рекоа: 

„Ние не се замараме со тебе, ти не се замарај со нас.“ 

Сама си се интересирав, сама сѐ. Не ме спремаше никој ни за монолог, сама прашував, не знаев ни факултетот каде е. Иако и покрај драмската секција и во театар статирав нешто, ама информацијата не беше дека ќе се запишам. Сама отидов, не дојде никој со мене, сама барав во Скопје автобус да стигнам до факултетот. Таму сретнав многу деца кои се запишуваа, а беа веќе упатени деца, деца на артисти. Но за среќа поминав на приемен испит и бев среќна и задоволна.

Соња Ошавкова во претставата „Море на тишината“

Вие и Вашиот сопруг бевте добитници на наградна игра за заминување во Америка. Што ве натера да се вратите назад во Македонија?

Ние случајно ја игравме таа лотарија. Мајка ми нѝ кажа дека ќерка на нејзина пријателка заминала така и може на лотарија да се добие виза. Мажот ми претходно имаше роднини таму кои можеа да дадат гаранција, да платат. Тој многу сакаше да студира таму но никогаш не му дадоа ниту туристичка, ниту студентска виза. На времето беше многу тешко да се земе таква виза, иако добиваше гарантни писма и имаше приватен бизнис, никако не му даваа виза. Реков ајде ќе аплицираме и игравме. Дури и други нѝ ја пополнија лотаријата. Ќе кажам нешто што никогаш го немам кажано. Нам нѝ ја пополнија апликацијата и јас ги немав ни видено обрасците како изгледаат. Писмото дека добивме таква лотарија за иселеничка виза го добив во болница кога се породив со ќерката Ана. Покренавме цела постапка, за сите документи што требаат. Отидовме Белград и таму нѐ вакцинираа. Јас некако психички бев како да не заминуваме иселечнички, а иселеничка беше визата. Заминавме со мало бебе, синот Филип беше прво одделение, а Ана беше бебе. Тогаш во амбасадата во Белград ми рекоа да се потпишам како што сум се потпишала на обрасците од апликацијата и си реков сега што направивме. Заборавив како се потпишав на обрасците. Најверојатно со име и презиме. Сигурно така бевме договорени, но дали на ракописно или печатно, господ знае. Им кажав дека заборавив, а тие ми рекоа: „Еве кратко ќе ви ги покажеме да ги видите“. Ова на никој му го немам кажано еве тебе ти го кажувам. Кратко ми го покажа образецот и потписот беше краток.  На момент си реков бадијала се вакциниравме, бадијала Белград одевме. Тоа беше и голем издаток. Така заминавме. Отидовме со намера за кратко за да можеме да се вратиме. А и каков што сме ние карактер, јас и мажот ми, мене лично таму не ми се допадна од самото слетување од авион. Му имам кажувано на колегите тука дека имав чуство како да лебдам и како да не газам на земја. Не во позитивна смисла туку како да не припаѓам таму. Тоа е едно чудно чувство што те обзема таму. Иако ние бевме згрижени. Филип веќе беше запишан на училиште, имавме здравствено осигурување извадено од роднината, вујко на мажот ми, сместување, сѐ што нѝ беше потребно. Филип беше запишан во супер училиште без ние да бидеме таму присутни, седмо по ранг основно училиште во цела Америка. Јас бев со мало бебе и не можев многу да шетам. Таму не видов многу и не можам да кажам ова ми се допадна, ова не ми се допадна. Бевме рационални јас и мажот ми, гледавме повеќе дали можеме да најдеме работа, колку ќе даваме ако ги чуваат децата, колку ќе платиме за ова, колку за она. И „танте ми за танте“ идеше цело време, а не си дома. Идеше комплицирано дека ние следните десет-петнаесет години ќе треба да се трудиме за втората генерација да биде успешна. Нѝ велеа: „Пишете си дека завршивте со животот. Ќе си ’рмбате и работите ама затоа вашите деца ќе бидат среќни. Јас им реков:

„Мене децата не ми изгледаат многу среќни што растат овде. Мислам дека моите деца ќе бидат посреќни ако растат во Македонија.“

Ние наштите деца ги пораснавме како другари и цело време беа со нас. Мислам во тоа има позитива, и сега истото да ми се случи пак исто би направила. Еве сега ќерка ми има намера да оди Германија, ама и времињата сега и тука дојдоа комплицирани. Имаше и повеќе работа и сѐ. Времето покажа дека државата нѝ отиде многу во надолница.

Тоа е сосема друг живот и ние не сме навикнати. Мислам дека не направивме лошо. И ден-денес да ме прашаш, за мене тоа е позитивна одлука. Кратко останавме таму, само два месеци. Дури и јас тука имав земено неплатен одмор. Не дадов ни отказ од театар, а мажот ми за жал  ја изгуби работата. Тука во театар ме испратија, ми купуваа поклони и тажевме. Кога се вратив назад посакав да влезам во било која претстава. Тогаш Јоана Поповска ме заменуваше во претстава „Женидба“, реков ќе играме двете наизменично, ве молам вратете ме назад да работам, нешто да правам оти не ми се седеше така.

Соња Ошавкова во претставата „Кокошка“

Вработена сум од 1987 година, некои триесет и седум години. Сум играла и во Велес, Прилеп, Струмица. Во Струмица во „Тетка Лиза“ во режија на Благојче Божиновски, во Прилеп со Борис Чоревски игравме маж и жена во „Храбриот Науме“. Ние работевме многу и игравме сѐ во театарот. Ансамблот на почетокот немаше многу жени. Од постарата школа беа веќе во пензија така што имаше луфта. Прва со факлутет овде беше Менка Бојаџиева, потоа Соња Михајлова па дојдов јас, а измеѓу немаше со завршена академија иако тогаш работеше и Радојка Димеска. Од тие што дошле и се отишле потоа од театарот, беше и Сузана Киранџиска, таа е една генерација постара од мене. Имаме доста такви кои работеле по неколку години и заминале. Дубравка Киселички исто така работеше некое време. Ама ние што бевме битолчани и за да останеме тука да работиме, во почетокот игравме сѐ бидејќи немаше многу артистки. Јас откога го завршив факултетот ми било интересно сѐ. Кога читаш некои улоги може да се поинтересни за работа, пообработувани од авторите и со поголема тежина. Но интересни се и оние кои не се многу обработени па ти сам мораш да си ги обработуваш. Тоа нуди радост за секој којшто ја сака оваа професија. Големите улоги заситуваат. Имаат повеќе фази и дури да стигнеш до тоа да стане уметност, има доста фази во таквите ликови. Помалите носат радост дури го работиш ликот затоа што го доградуваш ликот што

Соња Ошавкова во претставата „На дното“

не е доработен од самиот автор, и тоа ми беше доста интересно. Некои колеги не сакаа да слушнат да играат мали улоги или не им беа интерсни па не се посветуваа многу. Но, не во нашиот ансамбл. Се покажало во праксата дека Битолскиот ансамбл бил поразличен од другите ансамбли во Македонија и тука секогаш се живеело како фамилија. Е сега се менуваат времињата. Дури и во фамилиите не живеат како во фамилија. Но сепак има една мала разлика во Битолскиот театар од другите театри во Македонија. Јас сум работела многу претстави со многу различни луѓе. Порано имавме и по седум-осум премиери годишно. Јас многу сакам кога работам некоја претстава и улога, која кога ќе завршам сакам да ја заборавам. Мислам јас не ја заборавам ама да ја тргнам настрана и да почнам од нула. Секогаш се радувам на тоа како дете. Тоа за мене е едно важно правило. Исчистен некако да почнеш да го работиш секој лик за да немаш некакви механички додавки. Публиката можеби ќе забележи дека во некои улоги си сличен. Во овие улоги не можеш да се смениш многу како на филм или да имаш драстични промени, но можеш во психологијата на ликовите и играњето. Кога ќе го започнеш ликот исчистен можеш да го истражуваш. Ние глумците сме егоцентрични и склони на тоа ако нѝ се допаднат некои одредени ситуации, да сакаме да играме во разлчини ликови. Тоа не е добро и затоа е најдобро од нула да почнеш со секој лик. Јас ретко давам интервју оти се поставуваат само некои клише прашања, како: „Како го работевте ликот“, и слично. А тоа е најсложеното прашање и не можеш да го објасниш со зборови. Често и колегите, но и глумците во овие комерцијални филмови ги прашуваат каков е ликот, колку години има и слично. Мене тоа ми личи одвратно. Да прераскажуваш лик како прераскажан виц. За мене тоа е радоста. Да заборавиш сѐ и одново да почнеш, како децата кога си играат. Тоа е тоа што треба да се доживува. Барем јас така го доживуваам. Тоа е мојата радост и затоа ја сакам оваа професија. Кога ќе престане да ми биде радост нема да се занимавам со ова.

Соња Ошавкова во претставата „Малиџано“
Соња Ошавкова во претставата „Галеб“

Иако сте театарски глумец, имате и повеќе филмски остварувања. Најголем впечаток оставивте во проектите на еден од најистакнатите и најафирмираните режисери во Македонија, Коле Ангеловски. Во безвременската телевизиска серија на Миле Попоски, „Солунски патрдии“ го игравте ликот на Паца, свршеницата на Цанде која бремена доаѓа во Солун со нејзината баба Евдокија, која ја игра Тодорка Кондова-Зафировска да си го најде свршеникот. Кои беа Вашите впечатоци и доживувања од снимањето на серијата? Неодамна почина Снежана Стамеска, а меѓу нас со години не се Тодорка, Сабина, Ванчо, Салаетин, и Џумерко. Какво искуство носите од работата со овие веќе истакнати актери од процесот на снимање и што според Вас ја направи оваа серија култна? 

Јас бев студентка кога ја снимав серијата и тие за нас беа бардови. Со Коле Ангеловски се запознав овде во битолскиот театар бидејќи статирав и играв претстави пред да се запишам на Академија уште во средно училиште, кога тој тука ја режираше „Маратонците го трчаат почесниот круг“, една многу интересна приказна. Оттогаш одевме на скијање заедно, тој дојде и кај моите родители со неговата жена и најмала ќерка. Се дружевме и имавме едно интересно фамилијарно искуство. И кога се запишав на факултет тој многу сакаше да работи со мене. Тогаш ја работевме „Училиште за кловнови“ тука, па јас не можев често да ја играм и рече ќе ја направиме и во Скопје. Па ја игравме во МКЦ и Универзална сала пред да одлучиме да направиме и серија. Во серијата играв со неговите стални глумци, брат му Дади, Мешко, Гоце, а само јас и Игор Џамбазов бевме студенти. Ние учевме заедно. Потоа со Коле, во Драмски театар ја игравме и претставата „Викенд на мртовци“ па го снимавме филмот. Играв и во неговата претставата „Дон Жуан“ во Велешкиот театар. Имавме убава соработка, но откако се вработив тука ретко имавме можност да се гледаме и така се изретчија и снимањата. 

Прво екипата играше претстава во Драмски театар со години и беа уиграна екипа. Ние бевме само неколкумина сменети. Дел од актерите кои не беа од скопските театри беа од Прилеп. Тие исто така играа во нивна претстава „Патрдии“, а во Битола исто така се имаше играно „Бабамбитолски патрдии“. На снимањето одеше лесно и без проблем. Тие измислуваа нови и нови ситуации, и затоа на Коле не му беше тешко да работи со таква екипа.

Има една интересна случка поврзана со оваа серија. Еднаш во такси во Охрид таксистот ме препозна после триесет години од снимањето на  „Солунски патрдии“. Само што ја кажав адресата, се сврти и ми рече: „Ти не си Паца?!“. А јас сум сосема различна. Поминаа триесет години, а тој ме позна по гласот.

Соња Здравкова во улогата на Паца во „Солунски патрдии“

МТВ имаше богата продукција на ТВ филмови, емисии и серии за деца. Во телевизиската серија „Училиште за кловнови“ игравте заедно со Димче Мешковски, Владимир Ангеловски-Дади, Гоце Тодоровски, Марин Бабиќ и Игор Џамбазов. За жал, МТВ денес нема ваква продукција, а и на ниедна наша телевизија не постојат вакви содржини за деца. Дали режисерите и телевизиите не се заинтересирани да работат на вакви проекти или можеби повеќе нема гледачи за ваков тип на проекти? Како Вие гледате на ова? 

Треба да се направи сериозна продукција за да му се понуди нешто на децата, бидејќи се знае какви се овие генерации и дека повеќе се интересираат за социјални мрежи. Двострана работа е дали ќе има интерес. Зависи што ќе му понудиш за вистински да го заинтригираш да го гледа тоа, а ако не го заинтригираш вистински и нема кој да те гледа. Можиш што сакаш да си правиш и да нема кој да те гледа. Дали ние како артисти, автори и продуценти треба да нудиме повеќе материјал којшто ќе биде едукативен, но интересен, за така тие да почнат да гледаат? Различно е времето, ама тоа не изговор и секогаш треба да се работат затоа што така се развиваат младите. Со гледање на квалитетна програма тие ќе станат луѓе што во иднина можат да препознаваат што е добро, а што лошо. На пример во градови каде нема театри тие и не знаат како да се однесуваат во театар. Зборуваат и викаат на сред претстава. Така е и во училиштата, а сето тоа е ланчано поврзано. Децата треба да се едуцираат уште од малечки и да доаѓаат во театар, за кај нив да се создаде таа некоја магија за театар како што беше кај нас. Но, треба да знаеш да ги водиш низ таа магија.

Игравте и во несомнено, најпознатата македонска филмска комедија „Викенд на мртовци“. Го игравте ликот на Светлана, ќерката на охриѓанецот Климе, кој го игра Владимир Ангеловски-Дади. Во неа глумеа и едни од најдобрите и најпознати југословенски актери, легендарниот Велимир Бата Живојиновиќ кој беше во екот на својата популарност и Јелисавета Сека Саблиќ. Дали тогаш прв пат се сретнавте со нив и колку беше поголем предизвикот да се игра покрај најпопуларните југословенски ѕвезди во тоа време? 

Соња Здравкова во улогата на Светлана во „Викенд на мртовци“

Јас лично немав кадри со нив. Но беше многу возбудливо. Сите велеа: „Бата, Бата ќе дојде!“. Тој беше многу добар пријател на Коле. Тоа е како сега да дојдат Бред Пит и Анџелина Џоли и да играат во истиот филм во кој играш и ти. Тоа е една многу интересна црна комедија, прва кај нас. Уиграноста играше улога цело време бидејќи дел од екипата играше во претставата „Викенд на мртовци“. Многу е добро кога си запознаен со сценариото, разни финеси и штосови што можат да се применат и тоа го прави делото подобро и поизработено. Беше интересно и предизвик да се игра на охридски дијалект, а и генерално е предизвик кога на филм правиш нешто што не си досега, така во „Hi Fi“ играв глувонема. Тогаш дел од времето го поминуваш на нова вештина работејќи нешто ново што ти е предизвик, а ти го држи вниманието. Со текот на времето режисерите те гледаат само за еден одреден тип на улоги и после најчесто само такви улоги ти даваат. Ти можеш да се трудиш да излезеш од клишето ама е многу тешко. Јас на пример со мојата килажа добивам само одредени улоги, но има и режисери како Ќендрим Ријани во „На дното“ која ја работевме неодамна. Јас не очекував тој да ми даде машка улога која е сосема различна од сѐ што сум играла досега. И му бев многу благодарна. Супер е кога можеш да се разбереш со режисерите, дека можеш да играш и нешто друго од тоа што го гледаат на прв поглед. И искуството е сепак големо.

Во краткометражниот филм „Долу од рајот“ во режија на Саша Станишиќ, игравте заедно со Вашата ќерка Ана. Какво искуство имате од тој проект? 

Соња и Ана Ошавкови во филмот „Долу од рајот“

Имав доста трема. Повеќе за неа затоа што играше како натуршчик во тој филм. Беше земена бидејќи нејзиниот лик им беше интересен. Инаку таа тогаш беше во средно училиште и никогаш не се занимаваше со глума, ни пред ни после тоа. Освен што играше мали улоги, во „Свирач на покривот“ и „Сестрите“. Таму беше помала и послободна, а овде беше повоздржана. Кога си на возраст на средно училиште веќе почнуваш да ја чувствуваш тежината на одговорноста што се очекува од тебе, а уште го има тоа младешкото и немањето искуство. И сфаќаш дека искуството треба да го стекнуваш со работа. А со секоја работа чувствуваш поголема одговорност па на таа возраст сме повоздржани. Се плашев од возраста која ја има и дали ќе си дозволи доволно да се отвори за таа да биде задоволна од тоа што го направила. За филм е поспецифично затоа што те бираат како лик. Филмот е многу специфична и тешка работа. Враќањето сцени, одржувањето фокус на еден одреден момент бара голема концентрација ако сакаш да бидеш сериозен. Искуството беше супер и таа помина супер. Да ја прашаш сега сигурно би променила многу работи. Соработката со режисерот Саша Станишиќ беше супер. Тоа всушност требаше да биде пилот за долгометражен филм со истата тема, но не се добија средства од министерството. Многу интересно сценарио кое беше работено по вистински случај.

Колку театарската критика беше важна во градењето на Вашата кариера како актер, и колку таа недостасува денес?

Никогаш не сум читала, никогаш не сум сакала да се водам од тоа. Порано критичарите се среќаваа со нас за да нѝ ги кажат критиките, а вака самиот вообличен текст во некој весник, кој дел се цензурира и обликува во некакви прашања, одговори и интервјуа во кои намерно или не се поентира на нешто, не. Ако некој ми кажал нешто во четири очи, дали е тоа критичар, колега или публика, јас секогаш сум разговарала. Никогаш не сум следела ни весници, ни телевизија иако ми кажувале кога сум била спомената. Можно е да недостига критика. Иако јас не ги читам треба да постои бидејќи не останува зад нас ништо. Театарот е сега и тука. Недостасува да се коментираат и критикуваат некакви претстави за да остане печат дека се случиле, бидејќи како ќе се пренеси таму, до некој во Скопје дека се случила претстава. Ако не се сними претстава или не останале некои фотографии, нема друг начин. Од филм ќе остани филмот, а од театарот е ова. Знаејќи ја минливоста на сето тоа не ми било ни важно. Бидејќи доживувањата и спомените се секогаш тука, во срцето. Сите моменти што останале значи биле емотивни моменти и состојби што си оставиле свој печат, и тоа те гради како личност. Не можеш да живееш од спомени напишани на ливче. 

Интервјуто го реализираше Леонид Ташовски, на ден 22.10.2024 година.

Фотографии 2024 година: Диоген Хаџи-Коста Милевски