Мастерклас со Тони Китановски по повод Денот на џезот во Битола

Младинскиот културен центар – Битола (официјален младински клуб на УНЕСКО) за одбележување на Меѓународниот ден на џезот организираше мастерклас со познатиот македонски џез музичар, гитаристот Тони Китановски. Темата на мастеркласот беше „Џез – музика на човековиот род“.

Мастеркласот беше само една од активностите на МКЦ – Битола по повод Меѓународниот ден на џезот. Вечерва следува концерт во живо на „Син пустиње“ (Синот на пустината) со почеток во 22.00 часот, во кафе бар Порта Џез. „Син Пустиње“ е поетско-музичка авантура на двајца уметници од Сараево (БиХ), поетот и прозаист Ахмед Буриќ, на кој му се придружува пејачот, инструменталист и истражувач на Севдах, Дамир Имамовиќ. Во проектот се познатиот гитарист Тони Китановски (МКД) и Иван Михајловиќ (СРБ) на бас. Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведуваат дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други ставки кои на изведбата во живо му даваат комплетна форма и атмосфера. Влезот за концертот е бесплатен.

Овој мастерклас и концерт по десетти пат ќе ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја става на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.