Со изложба на театарски фотографии и премиера на претставата „Црна дупка“ од Горан Стефановски, Народниот театар „Антон Панов“ од Струмица денес ќе одбележи 75 години од постоењето.
Изложбата на фотографии од Сречко Гунчев е со наслов „75 години НТ Антон Панов“, а постановката на драмата на Стефановски е во режија на Љупчо Ѓоргиевски. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимите на Андреј Ѓоргиевски, а композитор е Сашко Костов. Играат: Васил Михаил, Танкица Стојанова, Анкица Бенинова, Јасмина Вучкова, Кире Ѓоргиев, Елисавета Бончева, Коста Ангов, Ангелина Тренчева-Ангелова, Јулија Милкова, Стојан Велков-Трн, Илија Младенов и Теодора Арсов.
„Тешко е кога човек е странец во странство. Но уште потешко е кога човек е странец дома. Најстрашни се оние времиња кога самиот дом се претвора во туѓина, во џенем, во јабана. Кога човек е на своето огниште, а саштисан и отуѓен како змија да го полазила. Кога е внатрешно раселено лице. Кога т’гата не е поради отсуство туку поради присуство. Кога седи среде куќи, а не може да си ја препознае домата“ – пишува Стефановски.
Инаку, струмичкиот Народен театар почнал официјално да работи на 1 мај 1949 година, а прва претстава поставена на сцената била „Бегалка“ од Васил Иљоски, во режија на Димитар Колчаков.