Вечерва во Офицерскиот дом – Битола се одржа уште еден концерт на НУ Камерниот оркестар на Битола. Концертот под наслов „Македонски Вруток“ ги славеше животите и делата на великаните на македонската музика и беше посветен на композиторите кои се камен темелник на македонскиот музички идентитет – Кирил Македонски, Томислав Зографски, Ристо Аврамовски, Љубомир Бранѓолица, Благој Цанев, Властимир Николовски, Дамјан Темков и Драган Шуплевски.
„Адаџо“, „Ламенто за Македонија“, „Медитеранска суита“, „Адаџо за Ана“, „Капричо“ се дел од композициите на овие извонредни композитори од втората генерација на повоени македонски композитори кои се изведоа вечерва. Диригент на концертот беше Борјан Цанев, на кого ова му прва соработка со оркестарот.
Концертот вокално го збогати сопранот Гонца Богоромова – Краповски која ги отпеаа „Марика Мома Убава“, „Калеш Анѓа“ а особено впечатлива и емотивна беше изведбата на „Цветови“ по текст на Славко Јаневски а музика на Дамјан Темков. Своја соло точка на флејта имаше и Ангела Димковска, која го придружуваше оркестарот во изведбата на „Гајдарско“.
Фото: Дамијана Ристевска