Битолскиот режисер и костимограф Благој Мицевски вечерва ја отвори својата изложба на традиционалното јапонско кимоно под насловот „Кимоно инспирации“.

„Јапонците велат животот е бесмислен и пак ќе биде пролет, лето, есен и зима. Ние на денот на пролетта сакаме да го започнеме пак тој циклус и да оставиме зад нас нешто убаво. Ние сме уметници, и наша работа е да правиме убави нешта и да оставаме убавина зад себе.“ – истакна Благој Мицевски на отворањето на изложбата.

Изложбата ја отвори директорката на НУ Центар за култура – Битола, Маја Андоновска – Илијевски, која симболично беше облечена во кимоно.
„На првиот ден на пролетта со оваа посебна изложба уште еднаш ќе направиме испреплетување на култури од две различни страни на светот. Ние како Центар за култура секоја година се обидуваме егозтиката и различноста да ја воздигнуваме не само преку ваков тип на изложби, и соработката со јапонска амбасада со која што на неколку пати сме имале Недела на јапонски филм и гостување на јапонска група на фестивалот „Илинденски денови“. Она што сакаме да продолжи и во иднина е преку културата и уметноста да ги градиме тие мостови.“ – истакна Маја Андоновска – Илијевски, директор на Центарот за култура.
Изложбата е дел од годишната програма на НУ Центар за култура – Битола и е финансиски поддржана од Министерството за култура.
Сите љубители на модниот дизајн ќе имаат можност да ја погледант изложбата во фоајето на Центар за култура – Битола во следните 10 дена.
фотографии: Диоген Хаџи-Коста Милевски