Дита Старова – Ќерими добитник на италијанскиот орден „Витез на Редот Ѕвезда на Италија”

Во четврток (14.03) во Чифте амам ќе биде отворена изложбата „Најдрагиот Пинокио“, италијанските дизајнери и графички дизајнери ја редизајнираат најпознатата кукла на светот“ со што почнуваат Деновите на италијански дизајн во Скопје. Во Чифте амам на свеченото отворање на изложбата, Амбасадорот на Република Италија, Н.Е. Андреа Силвестри во Скопје ќе ја одликува Дита Старова – Ќерими, директорка на Националната галерија,  со признанието – орден „Витез на Редот Ѕвезда на Италија”, што го доделува Претседателот на Републиката за воспоставување и негување на лични и професионални релации со Република Италија, соработка во различни области и продлабочување на односите меѓу институциите и граѓаните од двете држави, а на предлог на италијанскиот министер за надворешни работи.

„Ordine della Stella d’Italia“ е одликување воведено во 1947 година како „Ред на Ѕвездата на италијанската солидарност“, а од 2011 го носи новото име.

Дита Старова Ќерими (1984) е академски сликар, доцент на Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот „Американ колеџ“ – Скопје, а во моментов е директорка на Националната галерија, која со бројните врвни изложби ја раздвижи културната сцена дома и ја врати публиката.

Изложбата на ADI Design Museum, е посветена на 140 години од првото издание на „Авантурите на Пинокио“, и содржи избор на дизјанерски проекти на италијански компании направени специјално за изложбата, кои ја потврдуваат способноста на италијанскиот дизајн да креира безвременски слики и предмети и го слават митот за Џепето, првиот италијански дизајнер. А истиот ден во Сули ан, ќе се одржи макстер-клас на Лука Боскардин, италијански дизајнер на играчки и илустратор за многу италијански и интернационални брендови, како StudioRoof, Corriani, MonPetitArt, Arbos, George Magazine e Philips Design. Темата на годинешното издание е: „Создавање вредност: инклузивност, иновација и одржливост“ со настани со кои се промовираат уникатноста и врвниот квалитетот на италијанскиот дизајн.