Сто години од раѓањето на Ратка Чоревска – интервју со Борис и Илина Чоревски

    На денешен ден, пред точно сто години е родена Ратка Чоревска, актерка од првата генерација на глумци во Македонија, доајен на македонското глумиште и театар, и сопруга на големиот Трајко Чоревски, еден од основачите на Македонски народен театар.

    Семејството Чоревски е дел од историјата и сегашноста на театарот во Македонија. Традицијата на Трајко и Ратка ја продолжуваат нивните синови Борис и Благоја Чоревски со кои неразделно е поврзан развојот на драмската уметност во нашата држава. Претставник на третото колено кое успешно ја негува оваа традиција е ќерката на Борис, Илина Чоревска.

    По повод, сто години од раѓањето на Ратка, Култура24 разговараше со Борис Чоревски и Илина Чоревска, актери во битолскиот народен театар.

Тетка Ратка е родена во Штип во 1924 година. Можете да нѝ кажете нешто повеќе за најзините рани години и семејството? Каде и како се запознаваат со чичко Трајко, каде живееле и работеле до, и по преселувањето во Битола?

    Борис Чоревски: Да,таа е штипјанка. Татко ѝ, мојот дедо се викаше Коле, беше од Крушево и работеше како калајџија. Во тоа време шетале по градовите и ги калаисувале тепсиите и се сретнале со баба ми Роза. Така се запознале и заживеале. Тој остана во Штип. Мајка ми е најстара. Имав еден вујко кој сега е починат. Мајка ми имаше уште една сестра која исто така е почината. Бидејќи татко ми од 1945 работеше во МНТ отишол една година во Штип на работа, па се запознале со мајка ми, се венчале и се вратиле во Скопје и таму живеевме до 1951 година. Брат ми се роди во 1947 во Велес, а јас 1949 во Скопје. Тогаш, група на актери кои беа во МНТ со решение на Владата за да се збогатат театрите во другите градови дошле и во Битола. Меѓу нив беа и Мирко и Нада Стефановски, таткото и мајката на Горан и на Влатко Стефановски. Горан е роден во таа куќа. Живеевме заедно со тетка ми и со баба ми Роза кои се грижеа за нас додека татко нѝ работеше. Седевме во иста куќа до 1955 кога татко ми почина многу млад. Не се вративме во Скопје и до ден-денес живееме во Битола, освен брат ми Благоја кој после завршувањето на академијата беше примен во Драмски театар. А, јас останав тука до пензионирањето.

Кои се нејзините актерски почетоци пред да се вработи во НТБ?

    Борис Чоревски: Кога живеевме во Скопје работеше во куклениот театар. Кога се преселивме овде, после смртта на татко ми се вработи како актер во НТБ, некаде во 1955-1956 година бидејќи тој не ја оставаше да работи, и овде се пензионира. Тоа беа нејзините почетоци.

Долги години, активно работеше во битолскиот театар. По кои улоги ќе остане запаметена од публиката и од Вас?

    Борис Чоревски: Поминало многу време, меѓутоа на нешто што се сеќавам од стариот театар се пофалбите за нејзината улога во „Дрвената чинија“, „Романов и Јулија“ во која играше заедно со Радмила Станојевиќ, „Дамата со камелии“, „Нашите деца“, „Медеја“, „Рибарски караници“, „Госпоѓа министерка“, „Домот на Бернарда Алба“ итн. Ратка не беше некоја актерка која носеше големи улоги, играше и средни и мали улоги. Има одиграно доста претстави во стариот театар. И после нејзиното пензионирање ја бараа за да игра.

Дали се сеќавате која ѝ била прва, а која последна улога?

    Борис Чоревски: Јас бев мал кога таа ја започна својата актерска работа, така што не се сеќавам на нејзината прва улога. Многу време поминало оттогаш. За тоа треба да се провери во архивата на театарот.

Иако тетка Ратка беше театарска актерка, играла и во неколку филмови и ТВ серии. Која нејзина филмска или улога од ТВ серија Ви е останата во паметење?

    Борис Чоревски: Порано се снимаше многу повеќе отколку сега. Нѐ земаа повеќе актери од Битола и од другите градови. Има одиграно повеќе епизодни улоги во серии и филмови. Се сеќавам дека играше во една многу добра серија која што одеше на телевизија, со децата што се загинуваат по течението на Црна. Таа ја играше бабата на децата. Серијата се викаше „Опстанок“. Играше во „Македонскиот дел од пеколот“ и во многу други. Беше интересен лик во постарите години. Кога беше млада и не се снимаше толку.

По Трајко Чоревски е именувана наградата за млад актер на МТФ „Војдан Чернодрински“. Чија беше идејата и како Вие како семејство гледа(в)те на наградата?

    Борис Чоревски: Како што напоменав, татко ми беше еден од првите актери во МНТ. Пред тоа беше во трупите на Димче Трајковски. Дедо ми, на татко ми татко, го тераше да учи берберски занает, но кога Димче гостувал во Велес тој се одлучил да замине со него. Пред крајот на војната се префрлил во трупата на Петре Прличко кој нѝ е и кум. И мене и брат ми нѐ има крстено. Групата се викаше „Боем“. Потоа бил и во групата „Кочо Рацин“ заедно со други актери кои подоцна со решението од Владата, се вработиле во МНТ во 1945 година и играле во првата претстава „Платон Кречет“. Татко ми, Милчин, Џувалековски, Петре Прличко и многу други. Во тие шест години одигра доста улоги таму. Тогаш професорот Илија Милчин беше претседател на „Војдан Чернодрински“ и ме праша дали се согласувам наградата за млад актер да се вика по татко ми. И оттогаш таа награда го носи името на младиот талентиран актер кој прерано си замина. Тие што ја добиле и што ќе ја добијат да знаат кој бил тој.

Тетка Ратка доживеа длабока старост. Дали беше активна по пензионирањето? Дали доаѓаше на претстави и ја следеше Вашата работа во театар?

    Борис Чоревски: Па не само мојата работа, сè уште го следеше и театарот и учествуваше во неколку претстави. Секогаш сум велел дека театарот ми е прв дом и сеуште мислам така, иако сега времињата се подруги. Меѓутоа сè уште го сакам театарот и гледам претстави. Истото го правеше и мајка ми додека можеше.

Вие, Вашиот брат и ќерка ја продолживте традицијата на Чоревци. Како тетка Ратка реагираше на вашиот кариерен избор? Дали ве советуваше и какви критики добивавте?

    Борис Чоревски: Мајка ми нѝ велеше дека е подобро да се биде нешто друго отколку актер, иако тогаш актерите ги вреднуваа повеќе. Но, како што викаат: „Крушата под круша паѓа“ – и јас и брат ми продолживме понатаму. Јас истото ѝ го зборував и на ќерка ми. Ако веќе толку го сака театарот да не оди за глумица, туку за режисерка, костимограф или нешто друго. Со оглед на тоа дека децата на брат ми не се одлучија за театарска работа, Лина е последната актерка од Чоревци. 

    Илина Чоревска: Во нашата фамилија да се биде актер е нешто како фамилијарен занает, така што кога пројавив желба да бидам актерка и не беше нешто невообичаено. Задоена сум со театарот од бебе и од мала знаев дека ќе бидам глумица. Играв во некои претстави уште како дете и моите дома тоа го прифаќаа најнормално и очекувано. Единствено татко ми имаше неколку неуспешни обиди да ме разубеди од идејата. И сега кога би бирала, повторно би била глумица.

Што најмногу научи од тетка Ратка за професијата, но и општо за животот?

    Илина Чоревска: Баба ми Ратка беше ведар човек полн со животна радост. На животот му се радуваше сѐ до самиот крај. Питома, грациозна и насмеана чекореше низ него и покрај сите предизвици кои тој ѝ ги приредил. Секогаш ми велеше дека полесно треба да ги прифаќам работите и да ги пуштам да си одат сите неубави работи. Сега на оваа возраст разбирам што сакала да ми каже, но сè уште не успевам да го припитомам својот дух и темперамент. Смиреноста, на тоа ѝ се восхитувам и ден-денес.

Иако ти се вработи многу подоцна од нејзиното пензионирање, дали успеавте заедно да играте?

    Илина Чоревска: За жал немавме заеднички претстави во кои игравме, но се случи на една годишнина на театарот да бидеме заедно на сцената. Потајно ја гледав како се однесува и бев воодушевена со каква леснотија ги изведува работите и покрај нејзините години. Ратка беше многу остроумна жена, сѐ до нејзината смрт.

Која твоја улога најмногу ѝ се допадна?

    Илина Чоревска: Мислам дека ме подржуваше во сѐ, иако знаеше да каже и по некој добронамерен коментар. Не знам точно која улога повеќе ѝ се допаднала, зашто никогаш не кажуваше ако нешто не ѝ се допадне, туку само знаеше благо да се насмевне.

По што најмногу ќе ја паметиш?     

    Илина Чоревска: Ѝ се воодушевувам на баба ми, најмногу за тоа како им приоѓаше на проблемите, како и да не се проблеми, туку нешто што животот ти го нуди како лекција. Многу би сакала да е сè уште тука и со нејзината благост да ме утеши кога тоа ми е потребно. Но, учам од неа и сега, најмногу сеќавајќи се на нејзините зборови: „Само полека и сѐ ќе биде“.

        Фотографиите за ова интервју се обезбедени од архивата на НУ Народен театар Битола и приватната колекција на семејството Чоревски.

Интервјуто го реализира Леонид Ташовски на 21.02.2024год.

Фотографии 2024 и дигитална обработка на архивските фотографии:

Диоген Хаџи-Коста Милевски