Артема театарска лабораторија за 20 ноември во Народент театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во Велес ја најави премиерата на претставата „Медеја“.
Се работи за коавторски проект на Сашо Димоски и Васил Зафирчев. Улогите ги играат: Тодор Стојковски, Бранко Михајлоски, Илин Јовановски, Никола Петковиќ и Леонида Гулевска. Композитор и изведувач на музика во живо е Дарко Спирковски.
Оваа „Медеја“, без Медеја и за Медеја, го поставува прашањето за чедоморството и сите прашања што произлегуваат од него.
„Фразата „Медеја од нашата улица“ во оваа претстава не е метафора: поаѓајќи од документарни материјали, на сцената го испитуваме чедоморството. Надвор од митската антиципација и божественото потекло на нашата хероина, во оваа претстава перспективата е отаде смртна: засегнува лично како последица. Во триесет и девет случаи, триесет и девет мајки убиле многу повеќе од триесет и девет деца. Едно од нив на скопска адреса…“ – се вели во синопсисот.