Ѕвездата од „Бетмен“ и „Одисеја“ е официјално избран за следниот Џејмс Бонд, со што завршуваат повеќемесечните интензивни шпекулации за тоа на кој млад актер „Amazon MGM“ и режисерот Дени Вилнев ќе му ги доверат клучевите од „Астон Мартин“.
„Џејмс Бонд е еден од најлегендарните ликови во филмската уметност, а да ми се довери улогата на 007 е чест што се доживува еднаш во животот. Длабоко сум им благодарен на Дени, Ејми, Дејвид, Тања и на сите во ’Amazon MGM Studios‘ за довербата што ја имаат во мене. Да се каже дека оваа улога е остварување на сонот – би било премалку. Не можам да бидам повозбуден за оваа соработка и за работата што претстои со овој фантастичен тим.“, изјави Патинсон.
Вилнев, кој неодамна го режираше Патинсон во претстојниот филм „Дина: Трет дел“ („Dune: Part Three“), додаде: „Пред сè, сакам да изразам длабока благодарност до извонредните актери кои ни се придружија на ова патување. Бевме опкружени со исклучителни таленти, но може да постои само еден 007. Пресреќен сум што можам да му посакам добредојде на Роберт Патинсон како наш нов Џејмс Бонд. Тој ја поседува безвременската душа на 007 и внесува дух што е сосема нов. Едвај чекам да започнеме.“
Ејми Паскал, која беше продуцент на франшизата „Спајдермен“ и на неколку филмови за 007, и Дејвид Хејман, кој стои зад серијалот „Хари Потер“, се продуценти на новиот филм за Бонд, додека Тања Лапоинт е извршен продуцент. Сценариото го пишува Стивен Најт.
Патинсон ја презема улогата на 007 по Даниел Крег, кој го толкуваше ликот на супер-шпионот и заводник во пет филма, почнувајќи од 2006 година со „Казино Ројал“. Последното појавување на Крег беше во филмот „Нема време за умирање“ („No Time to Die“) од 2021 година, кој завршува со тоа што Бонд се жртвува за да го спаси светот од тајна глобална терористичка организација. „Нема време за умирање“ беше и последниот филм од серијалот објавен пред долгогодишните продуценти Мајкл Г. Вилсон и Барбара Броколи да ја продадат креативната контрола врз франшизата на „Amazon MGM“ за 20 милиони долари.
Во текот на изминатиот месец, медиумите и филмската индустрија беа преплавени со шпекулации за тоа кој ќе биде следниот Џејмс Бонд, при што неколку британски актери се менуваа во улогата на наводни фаворити. На самиот почеток, кога гласините штотуку почнаа да кружат, се споменуваше Џејкоб Елорди, но подоцна се појавија информации дека ѕвездата од серијата „Еуфорија“ (Euphoria) воопшто не ни отишла на аудиција за улогата. Џек Лауден, исто така, се сметаше за сигурен кандидат. Кон почетокот на септември, Гери Олдман – кој глуми заедно со него во серијата „Бавни коњи“ (Slow Horses) – изјави дека Бонд е веќе избран, додавајќи низ шега дека „држи палци“ за Лауден. Сепак, шансите на Лауден паднаа во втор план поради Калум Тарнер, кој делуваше како сигурен избор, сè додека не се појавија вести дека на аудиции биле и Роберт Патинсон и Николас Холт. Во тој момент, стана сосема неизвесно кој ќе ја добие улогата, сè додека конечно не беше избран Патинсон. Меѓу другите актери што се споменуваа беа и Џош О’Конор, Том Френсис, Арон Тејлор-Џонсон, Харис Дикинсон, па дури и Хари Стајлс.
Од перспектива на „Amazon MGM“, јасно е зошто Патинсон бил очигледниот избор. Тој е, без сомнение, најбараната филмска ѕвезда за 2026 година, а зад себе има и импресивни резултати на кино-благајните. Со помош на Зендаја, Патинсон придонесе филмот „Драмата“ (The Drama) – оригинална драмедија на продукциската куќа „A24“, која е истовремено интимна и непријатна за гледање – да заработи 134 милиони долари ширум светот, со буџет од 28 милиони долари. Филмот „Прајмтајм“ (Primetime), во кој Патинсон го толкуваше Крис Хансен (водителот на емисијата „Да се фати предатор“), исто така оствари голем успех со заработка од 61 милион долари, наспроти скромниот буџет од 18 милиони долари. Патинсон, исто така, го играше ликот на одвратниот Антиној во „Одисеја“ (The Odyssey) – филм што заработи 1,8 милијарди долари – а во декември ќе се појави и во „Дина: Трет дел“ (Dune: Part Three), за кој се очекува да оствари огромна заработка. (Многу е веројатно дека Патинсон ја добил улогата откако го импресионирал режисерот Дени Вилнев на планетата Аракис).
Покрај тоа, Патинсон поседува искуство со големи франшизи, што е неопходно за да се предводи серијал како оној за Џејмс Бонд. Во 2022 година, Патинсон дебитираше во насловната улога на „Борецот со наметка“ (Caped Crusader) во филмот „Бетмен“ (The Batman) на Мет Ривс. Тој повторно ќе се врати во Готам за продолжението, кое се очекува во 2028 година. Оние што се сомневаа дека Патинсон би можел да ја добие улогата на 007, честопати како причина наведуваа дека неговите обврски кон ликот на Брус Вејн го оневозможуваат да го толкува Бонд. Сепак, по неколкуте одложувања во продукцијата на „Бетмен: Втор дел“ (The Batman Part II), се чини дека Патинсон е подготвен за нова, долгорочна соработка со уште една добро позната икона од филмското платно.