НУ Центар за култура Битола, во соработка со Францускиот институт во Скопје, започнува со реализација на Француски кино клуб, наменет за младите и за сите љубители на француската кинематографија.
Ова ќе биде простор за откривање на француската филмска уметност, размена на идеи и отворање разговори за темите што ги поставуваат филмовите, нивните пораки и општествениот контекст во кој настанале.
На првата филмска средба ќе го прикажеме филмот „Приказната на Сулејман“ (2024).
Во вторник, 17.11.2026 година со почеток: 19:00 часот во Мала сала, НУ Центар за култура – Битола, влезот е бесплатен!
По проекцијата следува разговор и дискусија, која ќе ја модерира Елена Ристевска-Лутовска, со учество на гостинката Ивана Хаџиевска.
Ивана Хаџиевска е историчарка, која истражува во областа на социјалната историја и политиките на сеќавање. Таа е авторка на збирката есеи „Суспендирана итност: есеи од крајот на времето“ (Илика, 2025), во која дваесеттиот и дваесет и првиот век ги разгледува низ призмата на социологијата, филмот и колективното сеќавање.