Мери Остин во ретко интервју по повод новата книга за Фреди Меркјури

Познатата партнерка и пријателка на легендарниот Фреди Меркјури, Мери Остин даде ретко интервју по повод новата книга посветена на Фреди. Таа зборува од „Гарден Лоџ“ (Garden Lodge) – легендарниот дом во западен Лондон што го наследила од пејачот, а кој долги години наликувал на музеј: со колекции на јапонска уметност, градина што делувала како засолниште и концертниот клавир „Јамаха“ на кој фронтменот на „Квин“ ги компонирал некои од најкултните песни на 20-тиот век.

Остин има благ поглед и по природа е повлечена личност. Откако во 2018 година излезе филмот „Боемска рапсодија“ (Bohemian Rhapsody), нејзиното лице стана попознато за јавноста, но таа дала малку интервјуа и уште поретко се појавувала во јавноста. Својот живот го посветила на чување на споменот за „љубовта на мојот живот“ – како што сè уште го нарекува Меркјури – кој ѝ ги оставил куќата и имотот по неговата смрт од СИДА во ноември 1991 година.

Таа вели дека, на 75-годишна возраст, се наоѓа во „есента“ од својот живот и нема некои големи планови, освен „продажбата на куќата“ во која живеела повеќе од три децении. Неодамна ја објави книгата „Живот во стихови: Официјалното творечко наследство на Фреди Меркјури“ (A Life in Lyrics: The Official Creative Legacy of Freddie Mercury). Ова издание содржи оригинални, рачно напишани текстови за некои од најпознатите песни на уметникот, како и фотографии и белешки што тој ги оставил во својот некогашен дом. Остин ја опишува книгата како почит кон наследството на Меркјури – „како текстописец и како човек“. Да беше жив, уметникот денес ќе имаше 80 години.

Во 2022 година, помладиот син на Остин, Џејми, предложил да се отвори преградата за складирање што се наоѓа во клупата за клавирот на Фреди Меркјури. Сепак, поголемиот дел од материјалите биле пронајдени малку претходно, кога Остин во еден ковчег на таванот наишла на касети, папки полни со разни листови и рачно напишани текстови за некои од најголемите хитови на „Квин“, вклучувајќи ги „Bohemian Rhapsody“, „Killer Queen“ и „Don’t Stop Me Now“. Овие две откритија се случиле во размак од само неколку месеци. „Се сеќавам како во 1985 година, кога Фреди се всели во ’Гарден Лоџ‘, го полнев ковчегот во кој се наоѓаа текстовите на песните“, вели Остин, стеснувајќи ги очите додека се присетува на тој момент. „Кога го извадија од него, го однесоа на таванот. И таму остана. Чувството беше необично кога повторно ги видов тие хартии. Тоа беше вистинска бура од спомени и емоции наталожени во текот на 21 година, собрани во еден краток миг.“

Фреди Булсара – име под кое таа и денес го спомнува (Булсара е неговото презиме по раѓање) – ја запознал Остин во раните месеци од 1970 година, во една куќа во Барнс, во југозападен Лондон. Во текот на следните месеци, тие случајно се среќавале во модното бутикче каде што таа работела како продавачка – на истото место каде што тој првпат ја поканил на состанок. Оттогаш па натаму, тие биле неразделни.

Живееле заедно речиси осум години, при што Остин ги покривала повеќето од трошоците за домаќинството. Најпрво делеле мал гарсониерски стан на улицата Холанд Роуд во западен Лондон, а подоцна се преселиле во поголем стан, заедно со своите две мачки и пијано што зафаќало една третина од дневната соба.

Кога ја прашале дали некогаш се чувствувала задушено од тоа колку простор Фреди заземал во домот, Остин одговара: „Никогаш“.

Според Остин, глетката била повеќе фасцинантна отколку наметлива: „Беше необично да ја отвориш вратата и да го видиш тоа пијано, кое како да доаѓаше кон тебе, а зад него – грбот на Фреди. Без разлика што носел на себе или која боја ја одбрал, тоа секогаш доаѓало до израз наспроти длабоката црна боја на инструментот“.

На прашањето што Меркјури открил или научил да цени преку неа, Остин застанува за миг. „Се надевам – самиот себе“, одговара таа. За време на нивната врска, која траела од 1970 до 1977 година, Меркјури ги напишал некои од клучните песни на групата „Квин“, вклучувајќи ги „Killer Queen“ (1974), „Bohemian Rhapsody“ (1975) – за која Остин се сеќава дека ја создавал „со длабока, сериозна концентрација“ – потоа „Somebody to Love“ (1976) и „We Are the Champions“ (1977).

Во текот на тие години, Остин работела како негов личен асистент. Таа се сеќава на денови кои траеле и по 10 часа, исполнети со координирање на турнеи и состаноци, препишување текстови за песни, грижа за неговите мачки, подготвување на неговиот багаж и комплет со лекови, како и организирање посебни места за седење на концертите. Во својата книга, таа себеси се опишува како десна рака на Меркјури, негова доверлива личност и прва линија на поддршка.

„Креативниот аспект од неговиот карактер – оној што го нарекувам Фреди Булсара – беше многу интровертен, особено кога компонираше. Но, истовремено, тој беше и неверојатно екстровертен, а јас знаев и да се насмевнам на таа екстраваганција“, вели таа за „Ел Паис“ (EL PAÍS).

По смртта на Меркјури во 1991 година, Остин се всели во „Гарден Лоџ“ (Garden Lodge) – дом исполнет со спомени. „Спомените се слоевити: пронаоѓањето на куќата, неговиот живот таму, забавите што ги приредуваше… Некои се помалку среќни од другите, но сепак, сите тие се заеднички спомени.“

Почнувајќи од 2024 година, таа работеше со писател од сенка (ghostwriter) на книгата што подоцна доби наслов „Живот во стихови“ (A Life in Lyrics), при што се состануваа двапати неделно на сесии што траеја по четири часа. „Тоа беа интензивни сесии. По таа работа, сонував многу различни соништа кои како да се прелеваа еден во друг“, вели таа. Кога ја прашаа дали сè уште чува некои писма што ѝ ги напишал Меркјури, таа се сети на нешто друго што тој ѝ испраќаше: „Ми праќаше разгледници од Соединетите Држави и секогаш, сосема на крајот, додаваше: ’Ми недостасуваш‘“. Едноставна порака која за Остин секогаш била „прилично трогателна“ – гест поради кој се чувствувала „сакана“.

„Не знам што ќе донесат следната недела или следниот месец, но прифаќам дека не знам колку време ми преостанува. Би сакала тоа време да биде посветено на љубовта на мојот живот… и на тоа колку тој беше извонреден“, заклучува таа.

Целото интервју.