„Електрични оргазам“ објавија спот за песната „Kupio sam kola“, создаден во соработка со Зоран Костиќ – Цане од групата „Партибрејкерс“. Нумерата е дел од нивниот актуелен албум „U magli sjaj“, кој доби одлични критики, а бендот го издаде по осумгодишна пауза од снимање. Албумот содржи 14 нови песни, со звук инспириран од нивните култни изданија „Distorzija“ и „A Um Bum“.
Спотот беше премиерно прикажан на почетокот од концертот во загрепската „Tvornica kulture“ на 7 ноември, по што публиката уживаше во двочасовен настап на бендот, кој уште еднаш ја потврди својата извонредна форма во настапите во живо. Како специјален гостин се појави Аница Добра, која им се придружи на музичарите во неколку песни – меѓу кои и дуетот „Gde je Barbara sad?“ од актуелниот албум „U magli sjaj“.
„Всушност, сè е многу едноставно – загрепската публика го сака ‚Električni orgazam‘, а ‚Električni orgazam‘ ја сака загрепската публика. Публиката е секогаш тајната за одличен концерт; станува збор за воспоставување добра врска – силна хемија – помеѓу изведувачите и присутните. За среќа, повеќето од нашите концерти се токму такви“, изјави Гиле.