Во пресрет на првата премиера во сезоната 2026/2027 на Народниот театар од Битола, претставата „Татко“, но и 82 роденден на театарот, како и 12.издание на Битола Шекспир фестивалот, беше одржана прес конференција. „Татко“ е по текст на Август Стриндберг, во режија, сценографија и костимографија на Благој Мицевски. Главната улога во претставата ја игра Петар Горко, а покрај него настапуваат и Катерина Аневска-Дранговска, Сандра Грибовска Илиевска, Никола Пројчевски, Живко Борисовски и добитничката на наградата за животно дело „4ти ноември“, Соња Михајлова.
„Многу ми е драго што во овој славенички месец за нашиот театар, кој слави 82 години од своето постоење, после војната до денес без прекин, на 14-ти ноември сме дел од програмата за прослава на „4-ти ноември“ на градот Битола, која официјално се затвора утревечер со нашата премиера.
Работиме на овој текст и на оваа претстава речиси три месеци, со мали паузи поради обврските на театарот и главно поради гостувањата на фестивалите. Тоа е прилично долг и комфорен период за работа на ваков текст, а темите што ги обработува ме засегнаа лично од повеќе аспекти.“, истакна режисерот и костимографот Благој Мицевски.
Додаде дека е среќен што направија една нормална претстава која ја нарекоа психолошка драма со елементи на трилер.
„Јас лично сум веќе во генерацијата на највозрасните во театарот. Веројатно има потреба да се занимавам повеќе со класиката и повторно да ја препрочитам на класичен начин за да откријам зошто тие дела се класика и зошто траат до денес. Процесот беше исклучителен, се обидувавме да ги откриеме сите слоеви на ова многу комплексно дело и не знам дали успеавме во сè, затоа што има многу. Не е само едно семејство, туку и односите во семејството, бракот како институција, односите маж-жена, наука, религија, мајчинска љубов, детето како жртва на нефункционално семејство каде што постојано има борба за моќ, превласт и можеби најголемиот проблем кој до денес постои и не измачува – постоењето на огромна суета, што доведува детето да биде колатерална штета. Мислам дека токму тоа е она што најмногу го поврзува овој текст со денес. Овој текст има длабоки корени во многу нешта кои мислам дека ќе нè испровоцираат и нас како уметници – со што се занимаваме, како и зошто правиме театар – и публиката, која мислам дека ќе се препознае во многу ситуации. Мислам дека претставата ќе има долг живот и ќе трае долго на нашата сцена, и дека е полн погодок во програмскиот дел, токму каква претстава недостасуваше во нашиот репертоар“.
Главната улога ја игра Петар Горко.
„Особено ми е драго што после последната „Вујко Вања“ повторно имам можност да одиграм една голема улога. Знаете, уште од младоста кога ги читавме класиците, никогаш не обрнувавме внимание, веројатно затоа што бевме премногу млади, на тоа какви се тие ликови. Но, еве стигнавме до таа возраст кога можеме да ги играме ваквите ликови. И да, за сите генерации секогаш има улоги. Ова го кажувам за младите колеги, да не се плашат дека нема да има улоги за нив во животот“.
„За мене беше огромен предизвик да работам на ликот на Лаура. Таа не е класичен негативец, не е класична манипулаторка. Таа е жена која се бори за својата егзистенција со сите средства што ѝ стојат на располагање во еден таков патријархален свет. Многу остроумно, тивко и стратешки. Целата претстава, како што кажа Благој, личи на еден психолошки трилер во живо. Мислам дека со колегите, со режисерот, со Пеце успеавме да изградиме еден свет. Повеќе би рекла дека тензијата се чувствува во паузите, а не само во репликите. Се надевам дека претставата ќе допре до секој што ќе ја гледа и дека сите од публиката ќе ја почувствуваат таа искрена, сурова реалност“, додаде актерката Катерина Аневска Дранговска.
„Претставата е многу необична и интересна. Ликот на Маргарет е жена и мајка која искусила многу во животот, а во сложените семејни односи мајка-татко-дете, таа е на страната на зачувување на семејството, иако констатира дека најмногу во тие семејни конфликти доминираат суетата и егото. Најчесто во тие контексти, не сме свесни дека секој е во потрага по својата доминација. Многу ми е драго за соработката и за оваа претстава и верувам дека една таква вечна тема како семејство, татко, мајка, дете, ќе предизвика кај публиката момент на самопреслушување, токму во однос на суетата, егото и разбирањето“, рече актерката Соња Михајлова.
На сето ова актерот Никола Пројчевски додава:
„Фасцинантно ми беше во текстот што овој човек, кога живеел, се занимавал со таткото, а не со мајката. Ние живееме во време кога сите филмски платформи сега се занимаваат со жената, затоа што живееме во време, можеби е потребно да живееме во време на ултра феминизам. Дури и еден филм „Источно од рајот“, сега серијал на Netflix, една жена која е олицетворение на злото, на крајот се обидуваа да ја прикажат дека е таква поради мажите во нејзиниот живот. Еве, во оваа претстава не е така. Многу ми е драго што во претставата се отвораат проблемите на еден татко, а не проблеми кои доаѓаат од некоја жена. Јас, на пример, сега се прашувам дали едно дете, затоа што и јас сум имал такво чувство, ја сака повеќе мајката. На пример, ако го прашаат моето дете дали би ја избрало мајка му или мене, ако некогаш треба, и проклетството зошто треба со мајка му да избере. Кога јас правам сè. Ликот на Петар Горко, на таткото, во еден момент вели: „Зошто да заминат? Зошто ние да немаме право да одлучиме? Ние кои толку многу ги сакаме.“ Сака да каже дека ги сакаме еднакво како и мајката, ама на Netflix ќе биде прикажано дека таа го родила, го носела девет месеци во утробата, го чувствувала, срцето ѝ чукало со него. Многу ми е фасцинантна темата затоа што откривам многу работи. Пеце го игра брилијантно, морам да признаам“.
Веднаш после премиерата која е на 10-ти и 11-ти ноември, на 14-ти започнува 12-тото издание на Битола Шекспир Фестивалот. Свеченото отворање на фестивалот кое воедно ќе биде и одбележување на 82. роденден на НТБ ќе биде со битолската премиера на „Кориолан“ од Вилијам Шекспир, во режија на Џон Блондел.