Џокси, Дарио и Џафер со нова верзија на песната „Љубовта е“

фото: vistina.com.mk

Џина Паппас Џокси синоќа во Дебар Маало имаше аудиопромоција на новата верзија на песната „Љубовта е“. Промоцијата воедно послужи и за снимање на спот за истата.

-„Љубовта е” има приказна што трае повеќе од две децении. Ја напишав веднаш по „Златни жици”, со која настапив на изборот за македонски претставник на Евровизија. Понесен од тој творечки занес, му ја предложив на Мики Јовановски Џафер. Имавме и работна средба, но поради сплет на околности соработката тогаш остана недовршена.“ – вели Џокси.

Песната го дочека своето прво фестивалско претставување на Макфест во 2018 година. За неа беше снимен и видеоспот во Загреб и Дуго Село, со хрватската продукциска куќа „Dugoselangeles”.

-Сепак, фестивалската верзија беше скратена за две строфи поради времетраењето. Со новата верзија ги враќаме и нив, а со тоа и целосната приказна на песната. Тоа ми е особено драго и поради Огнен Неделковски, авторот на текстот, кому тешко му падна тогашното скратување. Верувам дека сега му ја враќаме насмевката, затоа што секој стих повторно го добива своето место. – додава тој.

„Љубовта е” е дел и од една поширока творечка приказна со која Џокси одбележува „50 години живот со музика”. Во проектот ќе се вклучат дваесет наши пејачи и инструменталисти, а за секој од нив Џокси има избрано по една своја песна. Следна е дуетската соработка со Анета Љумаковска, со песната „Капка капинаше”.