Холивудскиот актер Рајан Гослинг го најави враќањето на својот инди-рок бенд, „Dead Man’s Bones“. Нова музика од групата треба да излезе следниот вторник, по пауза од 17 години.
Враќањето на бендот беше објавено преку видео на Инстаграм, споделено од неговата сопруга Ева Мендес, со пораката: „Си го одржа ветувањето“.
Бендот го сочинуваат Гослинг и Зак Шилдс, кои во 2009 година го издадоа својот прв и единствен албум (кој го носи истото име како и групата) преку издавачката куќа „Anti-Records“.
Во тоа време, тие изјавија дека албумот првично бил замислен како музичка подлога за театарска претстава за љубовна приказна помеѓу чудовиште и дух.
Музичкото искуство на Гослинг датира уште од времето кога бил дел од телевизиското шоу „The All-New Mickey Mouse Club“, каде што настапувал заедно со пејачите Бритни Спирс, Џастин Тимберлејк и Кристина Агилера.
Тој својот музички талент го покажал и во разни филмови; во 2024 година, ја изведе песната „I’m Just Ken“ од филмот „Барби“, вклучувајќи и настап во живо на доделувањето на наградите „Оскар“.
Песната „City of Stars“ од филмот „Ла Ла Ленд“, во изведба на Гослинг и актерката Ема Стоун, освои „Оскар“ во 2017 година.