„Охрид фест – Охридски трубадури“ објави конкурс за избор на две нови музички лица

Македонската музика отсекогаш живеела благодарение на големите гласови. На оние што не се плашеле да пеат со срце, да ја пренесат емоцијата и со една песна да останат запаметени засекогаш. Но, секоја генерација има потреба од нови имиња. Од нова енергија. Од нова музичка приказна.

Токму затоа Интернационалниот музички фестивал „Охрид фест – Охридски трубадури“, отвора ново поглавје во својата богата историја и распишува јавен конкурс за избор на две нови музички лица – еден машки и еден женски вокал. И ова не е само уште еден конкурс. Ова е повик до сите оние кои со години пеат пред огледало, снимаат песни во домашно студио, настапуваат на мали сцени или едноставно чекаат некој конечно да им каже: „Сега е твоето време.“

Македонската сцена ги памети незаборавните емоции што ги оставаше Тоше Проески, неповторливата автентичност на Маја Оџаклиевска, моќниот вокал на Калиопи, елеганцијата на Каролина Гочева и многу други уметници кои испишаа и се уште ја испишуваат музичката историја.

„Фестивалот не бара нов Тоше. Не бара нова Калиопи. Не бара нова Каролина. Бара личност која ќе биде своја. Бара глас што ќе ја допре публиката. Бара харизма што не се учи. Бара песна што ќе остане. Шансата е отворена за сите таленти. Право на учество имаат сите талентирани пејачи и пејачки кои веруваат дека имаат квалитет, потенцијал и желба да ја започнат својата професионална музичка кариера.“ – порачуваат од фестивалот.

За пријавување потребно е да испратат: една или две демо аудио снимки, или веќе готови студиски песни. Конкурсот ќе биде отворен од 1 ноември 2026 година до 15 јануари 2027 година, по што стручната комисија на фестивалот ќе ги избере двата најперспективни вокали кои ќе добијат можност да станат дел од големото семејство на „Охрид фест – Охридски трубадури“.

Сите заинтересирани своите демо или готови аудио снимки треба да ги испратат на: ohridfestofficial@gmail.com со назнака: „Одбираме нова македонска музичка ѕвезда“