Со свечено доделување на наградите вечерва, 24 септември, во Театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“, ќе биде заокружено овогодинешното издание на Фестивалот на античка драма „Стоби“.
Жири-комисијата во состав Весна Димитровска Бобевски, Кети Борисовска и Пеце Ристевски ги донесе одлуките за најуспешните остварувања на фестивалот, при што признанијата ќе им бидат врачени на добитниците на завршната фестивалска свеченост.
Гран при за најдобра претстава ѝ припадна на „Лисистрата“, во продукција на Народно позориште ,,Тоша Јовановиќ,, Зрењанин, Србија
За најдобра главна женска улога е прогласена Јелена Жугиќ, додека признанието за најдобра главна машка улога му припадна на Александар Степанулески, членови на Драмски театар Скопје, за улогите во претставата „Падот на Масада“
Наградата за најдобра режија ја доби Дејан Пројковски, за режија на претставата „Падот на Масада“ , продукција на Драмски театар Скопје.
По доделувањето на наградите, во чест на наградените ќе биде изведена претставата „Сите прекрасни нешта“, во продукција на Народниот театар Штип.
Со вечерашната свеченост и изведбата на претставата ќе биде затворено уште едно издание на ФАД „Стоби“, фестивал кој низ својата програма ја продолжува традицијата на поврзување на античката драмска литература со современиот театарски израз.
Фестивалските награди претставуваат признание за уметничките достигнувања на учесниците и за нивниот придонес кон богатата фестивалска програма, а завршната вечер во Театарот „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ ќе биде посветена токму на нивните остварувања.