„Златна Мимоза“ и две специјални награди за македонските филмови во Херцег Нови

Македонскиот филм „17“ неколку дена по наградите во Сараево, доби награда и во Црна Гора. Режисерката Косара Митиќ ја освои „Златната мимоза“ за најдобра режија на 39. Филмски фестивал во Херцег Нови.

Митиќ наградата рамноправно ја дели со режисерот Горан Станковиќ за филмот „Оче наш“.

„Наградата рамноправно се доделува на два дебитантски филмови, на режисери кои во нивните остварувања ја покажуваат сета вештина, со различни и препознатливи режисерски стилови, кои успеваат низ филмската нарација да покажат голема емотивна сила.“ – се вели во образложението.

Жирито на фестивалот беше во состав: Алиса Сајмон, главна селекторка на филмскиот фестивал во Палм Спрингс, Елена Кристодолиду, претседателка на Извршниот одбор на Мрежата на кинематографии на Југоисточна Европа , актерите Себастијан Каваца и Лилјана Благојевиќ и режисерот Драшко Ѓуровиќ.

Покрај Митиќ, како и во Сараево со награди се закитија Теона Стругар Митевска која доби специјално признание за продукцијата на „Мајка“, и филмот „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Дина Дума беше награден за пораката за родова еднаквост и инклузивност.