„Златен елец“ со „Теорема, леме“ гостува на Плачковица, во Битола и Црна Гора

Претставата „Теорема, леме“ на театарот „Златен Елец“ на крајот од овој месец и почетокот на септември ќе има две изведби низ Македонија и една во Црна Гора.

На 31 август од 20 часот ќе биде изведена во НУ Центар за култура – Битола а следниот ден (1 септември) гостува на интердисциплинарните активности „Вртешка“ на Плачковица.

На 8 септември, претставата ќе учествува на реномираниот фестивал на алтернативен театар „Фиат“ во Подгорица, Црна Гора.

Претставата е работена според романот и филмот на Пјер Паоло Пазолини а во режија и адаптација на Мирко Радоњиќ. Драматург е Ева Камчевска, костимите се на Лина Лековиќ а координатор на проектот еБобан Алексоски. Играат: Златко Митрески, Леонида Гулевска, Бобан Алексоски, Марија Карилоска и Бранко Михајлоски.

Доколку Господ ви се јави со чудо, дали мислите дека вие – вашата природа – ќе се смени? Или пак ќе останете онакви какви што сте биле пред чудото да се случи?” Ова прашање го поставува Пазолини во својот роман, а и ние во претставата. Во свет воден од капитализам, војни и лажна слика за себеси, можно ли е да доживееме нешто метафизичко кое ги проширува границите на објективната стварност? Што ако го доживееме и потоа го снема? Како ќе се носиме со отсутството? Какви последици ќе остави оној кој заминува за оној кој останува и чека? Претставата не треба да се гледа низ призма на реализам, туку на парабола. Но асоцијациите што ќе ги предизвикаат сцените што ги гледате пред вас и она што во вас ќе го поттикнат (надежно), е без сомнение и во најмала рака – реално. – Ева Камчевска, драматург