Пред 30 години, токму во Хераклеа, на сцена застана бенд кој почнуваше да ја открива својата музика, себе си и публиката пред која за првпат настапуваше. На 29 август 2026 година, три децении подоцна, „Фолтин“ повторно се враќаат во Хераклеа, овојпат со големиот јубилеен концерт FOLTIN 30, централен настан со кој бендот ја одбележува својата 30-годишна концертна приказна.
„Не се враќаме во Хераклеа за да направиме ретроспектива. Се враќаме за да провериме дали пулсот уште чука“, велат Фолтин.
Во изминатите три децении се менувале луѓето, музиката, градовите и сцените, но публиката останала константа. Токму затоа, велат од бендот, FOLTIN 30 не го доживуваме како своја прослава, туку како прослава на сите оние кои во изминатите 30 години биле дел од приказната, од оние кои биле на првиот концерт во Хераклеа, до оние кои Фолтин можеби првпат ќе го слушнат токму на 29 август.
Јубилејната вечер ќе донесе специјална концертна програма, гости и изненадувања, а Фолтин најавуваат и песни кои одамна не биле дел од нивните настапи. „Ќе има луѓе кои се важен дел од нашата приказна, песни кои одамна не сме ги свиреле и моменти кои сигурно нема да се повторат. А има и неколку работи за кои мислиме дека е подобро да не ги кажеме денес“, велат од Фолтин.
29 август нема да заврши со последната песна во Хераклеа.
По концертот сите посетители се поканети на Foltin After каде прославата ќе продолжи.
Јубилејната приказна продолжува и преку FOLTIN LIVE, двојното винилно издание кое Фолтин го опишуваат како своја „звучна монографија“, концертната енергија преточена во траен аналоген запис. Снимен целосно во живо во Пловдив и Скопје, на врвна аналогна опрема, а винилот е печатен во Sony Виена според највисоки стандарди за винил продукција.
Јубилејната година продолжува со низа музички, издавачки и други проекти, преку кои бендот ќе ја одбележува својата тридецениска приказна. За следните активности Фолтин ќе информираат благовремено.