Започнаа пробите за меѓународниот проект „Unrecognized“ („Непризнати“) копродукција во која се здружуваат Ornproduktion од Стокхолм, Qendra Multimedia од Приштина и Албанскиот театар од Скопјe.
Од Косово, во проектот учествува драматургот Јетон Незирај од Qendra Multimedia, додека од Северна Македонија, актерот Шкељќим Ислами од Албанскиот театар. Во проектот учествуваат и неколку истакнати меѓународни партнери, вклучувајќи го Кралскиот окружен театар (Грузија), Киевскиот академски театар на Печерск (Украина), како и шведските театри Dramaten – Кралскиот драмски театар, Градскиот театар од Малме и Гетеборг Штадстеатер.
Претставата се осврнува на актуелни и чувствителни прашања, фокусирајќи се на сложеноста на честопати непризнаените и невидливите малцински групи, како и на реалноста на непризнаените или окупираните територии во Европа. Врз основа на споделените искуства на земјите-партнери, проектот има за цел да создаде интеркултурна театарска продукција која длабоко ги истражува идентитетот, раселувањето и суверенитетот.
Преку соработка меѓу уметници, истражувачи и локални заедници, проектот се стреми да поттикне дијалог и да го подобри разбирањето на прашањата со политичка чувствителност. Премиерата е закажана да се одржи во Албанскиот театар во Скопје 10 октомври.
Оваа соработка има за цел да поттикне богата уметничка и културна размена, зајакнувајќи ја меѓукултурната димензија на продукцијата и промовирајќи дијалог меѓу заедниците и уметниците од различни земји.