Сашо Димоски ќе предводи жири на театарски фестивал во Шри Ланка

Македонскиот писател, драмски уметник и универзитетски професор Сашо Димоски е претседател на жирито на 12-от Меѓународен театарски фестивал во Коломбо, Шри Ланка. Со што Димоски го продолжува својот пробив во Азија, по поставување на „Приказната на Електра“ во Јужна Кореја и Казахстан.

Фестивалот е водечката платформа во Шри Ланка за глобален физички театар, мултикултурна размена и најсовремени монодрами. Организиран од Interact Art Theatre Group, тој е првиот и единствен меѓународен театарски фестивал во земјата што се одржува континуирано од 2012 година.

Заедно со Димоски во жирито се уште седум актери и режисери од Шри Ланка и Индија.

Фестивалската програма вклучува натпреварувачка програма со монодрами, регионални кратки претстави како наменска категорија исклучиво за театарски практичари од регионот на Јужна Азија, со кратки претстави ограничени на 15 минути како и глобални продукции со времетраење помеѓу 45 и 60 минути.

Покрај театарската програма фестивалот нуди интензивен академски распоред и распоред за градење вештини, кој се состои од 16 интерактивни работилници и наменски форуми на режисери.