Македонската кинематографија исклучително добро се покажа на 32. издание на Сараево филм фестивал и освои пет награди за два македонски филма.
Филмот „17“ во режија на Косара Митиќ освои дури четри награди:
Специјална награда за промовирање на родова еднаквост, Срце на Сараево за најдобра актерка – Ева Костиќ, Cineuropa Prize и UniCredit награда од публика.
Костиќ добива и парична награда, во износ од 2.500 евра која ја обезбедува L’Oreal Paris.
„Бестрашен влез на сцената од млада актерска надеж. Сурова, висцерална и длабоко инстинктивна изведба. Таа ја исполнува улогата со исклучителна емоционална вистинитост, најавувајќи го доаѓањето на актерка со редок и моќен глас.“ – се вели во образложението на главното фестивалското жири.
Филмот „17“ ја освои и наградата на публиката на UniCredit со просечна оценка од 4,520. На второ место, публиката најмногу гласаше за филмот „Дуа“ (режија Блерта Башоли, просечна оценка 4,492), а на третото место беше „Скејтбордингот не е за девојки“ (режија Дино Дума, просечна оценка 4,456).
Филмот „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на режисерката Дина Дума ја освои Special Youth Perspectives Award.
„Овие пет признанија кои уште еднаш го потврдуваат квалитетот, авторската сила и меѓународниот потенцијал на современата македонска кинематографија, како и значењето на континуираната поддршка на Агенцијата за филм за развојот и меѓународната видливост на македонскиот филм.“ – велат од Агенција за филм.